„А“ – самостојна изложба на Олгица Антовска денеска во Чифте амам
2026-03-17 - 08:26
Во големата сала на галерискиот простор Чифте амам, на 17 март 2026 во 19:00, ќе биде отворена самостојната изложба „А“ на уметницата Олгица Антовска. Поставката е конципирана како долг полиптих од триесет платна, поставени на бела позадина и продолжени во нишите на просторот. Делата, инспирирани од водата и светлината, уметницата ги претвора во симбол на живот и духовност. Меѓу делата се „Капка живот“, „Бран“, „Дождовен џез“, „Стаклени мисли“, „Замрзната тишина“, „Кристална светлина“, како и серијата „Вода – плазма“, во кои водата се појавува како форма што се менува, исчезнува и повторно се создава. Изложбата ги повикува посетителите да ја почувствуваат енергијата на водата и светлината и да излезат инспирирани. Творештвото на Антовска поврзува природа и човек, видливо и невидливо, со препознатлив лирски апстрактен израз, велат организаторите. Со повеќе од 30 години активно творештво, изложби во Македонија, Србија, Германија, Полска и САД, како и со учества на меѓународни биеналиња, Олгица Антовска се афирмира како една од најзначајните македонски современи уметници со меѓународно признание. Нејзиното творештво гради имиџ на инспиративна и влијателна личност во светот на современото сликарство.