Првата делница од автопатот Скопје-Блаце заврши во провалија, втората сè уште не почна да се гради
2026-03-27 - 11:53
Изградба на автопатот Скопје – Блаце во должина од 12,5 километри, изминатите 15 години ветуваа и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и ДУИ, а самата идеја е стара повеќе од 20 години. За жал, автопатот не успеа да го изгради ниту една владејачка структура. Првата делница од два километра е готова, но завршува во провалија. Втората допрва треба да почне да се гради. Од косовска страна автопатот „Арбен Џафери“ е направен уште пред седум години, долг е 65 километри – од границата со Македонија до Приштина, а нашите соседи го изградија само за пет години, пишува „Вистиномер“. Во продолжение ви го пренесуваме текстот во целост: Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски минатата есен во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 (на 25 септември) најави дека автопатот Скопје – Блаце ќе почне да се гради на крајот на ноември 2025 г. – почеток на јануари 2026 година. Ветување: Тој проект се реализира со поддршка на ЕБРД. Рокот за поднесување за понуди истекува на 30 септември. Ќе ги видиме понудите и заедно со ЕБРД ќе направиме селекција и зависно од бројот на понуди очекувам меѓу крајот на ноември и почетокот на јануари во зависност од временските услови изведувачот да биде воведен во работа – изјави Николоски, додавајќи дека рокот за изгрaдба е три години од почетокот на активностите и тоа би значело дека до почетокот на 2029 година таму ќе има автопат. [Извор: Плусинфо; ТВ 21- емисија „Клик плус“, (од 0:09 минута од видеото) Датум: 25.09.2025] Образложение: Ветувањето на министерот за транспорт и врски Александар Николоски дека автопатот до граничниот премин Блаце ќе почне да се гради во периодот меѓу крајот на ноември (2025) и почетокот на јануари 2026 г., е неисполнето. Иако старт на градежните активности на оваа делница најавуваа и министерот Николоски и неговата заменичка Калтрина Зеколи-Шаќири (од 0,30 минута од видеото), сепак тоа досега (26.03.2026) не се случи. Автопатот долг 12,5 километри почна да се гради пред речиси шест години, во мај 2020 година – два месеца пред вонредните парламентарни избори, кога стартуваа градежните активности за првата траса долга 2 километра – од граничниот премин до селото Блаце. Оваа делница е готова, но не води никаде – завршува во провалија. Изградбата на втората делница – од клучката кај спортскиот аеродром „Стенковец“ до селото Блаце, долга 10,5 километри, сè уште не е почната. Промашена траса Неодамна во Собранието (29 јануари 2026 г.), министерот Николоски одговарајќи на прашањата на пратеникот од Европскиот фронт, Илир Хасани, посочи дека двата километра завршуваат буквално во провалија и затоа не можат да се пуштат. Но, тие два километра, претпоставувам често патувате кон Косово и знаете дека не почнуваат никаде, не завршуваат никаде, односно јавноста треба да знае дека ако тоа го сметаме за почеток на автопатот, тие два километра не почнуваат на граничниот премин, туку доколку возите од Скопје за Приштина тие почнуваат десно или источно од граничниот премин и не се поврзани со граничниот премин. Тоа е првиот проблем, а Косово од нивна страна го изгради автопатот до граничниот премин, што значи дека, не да е промашена трасата, комплетно е промашена ...., кажа Николоски (од 1:37:04 мин. од видеото). Тој додаде дека треба да се направи и приклучок со постојниот граничен премин на Блаце, бидејќи како што рече, „ваерлес приклучоци сè уште не се измислени во патнички сообраќај“, па онаму каде што завршуваат овие два километра „треба да ги приклучуваме на стариот пат и нема како, затоа што одат во провалија, односно во дупка од 50 метри“. Николоски напомена дека проблемот е надминат со помош на стручни консултантски куќи, а тендерот за избор на изведувач за втората делница е во финална фаза: Јавното претпријатие за државни патишта својата работа ја заврши. Избран е потенцијален изведувач, за којшто Јавното претпријатие смета дека е најдобар. Инаку имаше 11 понуди и сега одлуката е испратена во Лондон, во седиштето на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), од каде треба да дадат потврда на овој избор, имајќи предвид дека средствата се обезбедени од Европската банка за обнова и развој и дел од тие средства се грант и такви се правилата на ЕБРД, кога користите нивни средства да се оди по нивниот систем за јавни набавки, каква и одлука да донесете на крај Европската банка за обнова и развој истата да ја потврди. Би сакал да апелирам до ЕБРД побрзо да донесат одлука, имајќи предвид дека Јавното претпријатие за државни патишта уште во текот на декември месец ја заврши работата и од декември чекаме да добиеме одговор. И, додека се чека да заврши евалуацијата во Европската банка за обнова и развој, па да отпочнат градежните работи на втората автопатска делница – долга 10,5 километри, до Блаце се вози по стариот пат кој беше реконструиран пред две години (пред изборите во 2024 г.). Најскапиот автопат Министерот од собраниската говорница кажа и дека овој е најскапиот автопат од сите што се градат во државата. Обраќајќи му се на пратеникот Хасани тој рече: Претпоставувам знаете, ако не знаете прашајте кај претходниот директор на ЈПДП, од вашата политичка партија беше, дека тие два километра беа тендерирани на 14 милиони евра, ама на крај се платија 28 милиони евра. По нашиот Закон за јавни набавки, значи тие се работени по македонскиот Закон за јавни набавки не врз основа на договори со кои било други финансиски институции, максимално што можете да добиете на анекс е 20 проценти, овде е отидено на анекс од 100%, односно сумата од 14 милиони евра станува сума од 28 милиони евра, што го прави убедливо најскап автопат од сите што се градат во моментов во државата. Во септември 2024 г. (набрзо по изборот на функцијата – 23 јуни 2024), министерот Николоски предупреди за голем криминал откривајќи дека трасата за автопатот била прецртана во планински дел, каде земјиштето преминало во сопственост на функционери на ДУИ. Според Николоски, високи функционери на ДУИ искористиле инсајдерски информации за планирањето на новата траса Скопје – Блаце и си купиле земјиште, за да може да искористат од државата милионски суми од експропријацијата. Внимание, амбис на крајот од патот! Делницата од два километра која е готова и која не води никаде, претставува опасност за возачите. Деновиве дел од медиумите известија дека таму излетал автомобил. Веднаш по граничниот премин, патот што води кон Скопје се дели на два дела, но левата делница всушност нема никаков излез. Како што објави ТВ 21, за ова нема предупредувачка сигнализација, па возилата влегуваат по овој пат и одат до самиот крај каде ги чека куп земја и камења. На 10 март телевизијата јави дека претходната вечер едно возило завршило зад купот земја, паѓајќи надолу. Делницата која не води никаде Фото: Принтскрин видео ТВ 21 15 години празни ветувања Изградба на автопатот Скопје – Блаце во изминатите 15 години ветуваа и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и ДУИ. Овој проект може да се види во изборната програма „Манифест за реформи и развој“ (стр.64), со која ВМРО-ДПМНЕ излезе на парламентарните избори во 2011 година, а потоа го предложи и за предвремените избори во 2014 година во програмата „Проверено“ (стр.50). Ова ветување е дел и од програмата на ВМРО-ДПМНЕ со која партијата излезе на парламентарните избори во мај 2024 година, „Платформа #1198 – Македонија повторно твоја“(стр.65). Споменатото ветување социјалдемократите го дадоа во нивната изборна програма:„План за живот во Македонија“ , (стр.74 и 190) во 2016 г., а потоа и во изборна програма „Можеме“ (стр.51) во 2020 година. Изградба на автопатот Скопје – Блаце вети и ДУИ во изборната програма Платформа 2016-2020, во делот „Транспорт”(стр.3), Вистиномер во повеќе наврати има пишувано за автопатот Скопје – Блаце кој низ годините не успеа да го изгради ниту една владејачка структура. Самата идеја за автопат до границата со Косово е стара повеќе од 20 години. Проектната документација за оваа делница била изработена уште во 2002 година, но на трасата изготвена во 2002 година во меѓувреме никнале нови објекти, а се појавила и потребата од прифаќање на европските стандарди и норми за проектирање на тунели, мостови и други сегменти од автопатот, па било неопходно повторното проектирање на автопатот. Од косовска страна автопатот „Арбен Џафери“ е готов уште пред седум години. Тој беше пуштен во употреба во мај 2019 година, долг е 65 километри – од границата со Македонија до Приштина, а нашите соседи го изградија само за пет години. ИЗВОРИ: (25.09.2025) Плусинфо: АВТОПАТОТ СКОПЈЕ – БЛАЦЕ ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ ГРАДИ СЛЕДНАТА ГОДИНА Треба да биде завршен за 3 години [проверено на 26.03.2026] (25.09.2025) ТВ 21: „Автопатот до Блаце ќе биде готов до почетокот на 2029 година“ [проверено на 26.03.2026] (25.09.2025) ТВ 21: Емисија Килик плус (од 0:09 минута од видеото)[проверено на (04.12.2025) 26.03.2026] ТВ 21: Работите на автопатот Скопје–Блаце започнуваат овој месец – целта е Коридорот 8 да биде завршен во 2029 година [проверено на 26.03.2026] (29.01.2026) Нова Македонија: Николоски: Изградените два километра од автопатот Скопје-Блаце не почнуваат никаде и не завршуваат никаде [проверено на 26.03.2026] (29.01.2026): Јутјуб канал Собрание на С.Македонија – Седница бр. 82 (од 1:37:04 мин. од видеото) [проверено на 26.03.2026] (11.02.2026) Радио Слободна Европа: Долг пат до автопатот Скопје – Блаце (од 1,48 минута од видеото) [проверено на 26.03.2026] (10.03.2026) ТВ 21: Двата километри кај Блаце опасност за возачите – сегмент без излез и без сигнализација [проверено на 26.03.2026] (16.04.2021) Вистиномер: Патот Скопје – Блаце две децении чека да стане автопат – [проверено на 26.03.2026] (29.05.2019) Мета.мк: Автопатот „Арбен Џафери“ отворен за сообраќај од Приштина до Блаце – [проверено на 26.03.2026] (25.04.2024) Вистиномер: Автопатот Скопје – Блаце заглави на првите два километра [проверено на 26.03.2026]