Тошковски во увид на изградбата на новата полициска станица во Аеродром
2026-03-09 - 14:37
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изврши увид во градежните активности на новата полициска станица во општина Аеродром, која претставува еден од капиталните инфраструктурни проекти на Министерството за внатрешни работи. Изградбата на новиот објект е дел од поширокиот процес на унапредување на условите за работа на полициските службеници, но и на квалитетот на услугите што Министерството ги обезбедува за граѓаните. Во рамки на овој процес, во изминатиот период беше пуштена во употреба целосно реновирана полициска станица во Бутел, како и осум нови канцеларии за управни работи ширум државата. Меѓу нив се и новите канцеларии за граѓански работи на СВР Скопје во објектот на МТВ, кои овозможуваат побрзо, поефикасно и покомфорно остварување на услугите за лични документи и други административни потреби на граѓаните. фото: МВР Континуирано инвестираме во подобрување на условите за работа на полициските службеници и во модернизација на услугите што ги добиваат граѓаните. Новата полициска станица во Аеродром ќе биде современ објект кој ќе обезбеди подобра организација на работата, повисоко ниво на безбедност и поквалитетна услуга за граѓаните“, истакна министерот Тошковски при увидот. Според информациите од терен, градежните активности се одвиваат според планираната динамика, а објектот се очекува целосно да биде завршен до крајот на мај. Новата полициска станица е проектирана со главен влез за граѓаните од страната на булеварот, со цел полесен и попрактичен пристап, како и дополнителен влез на задната страна за службени потреби. Објектот располага со 36 паркинг места и целосно уредена атмосферска и фекална канализација, а гасоводните инсталации се заштитени според највисоки безбедносни стандарди. Фасадата на објектот е речиси целосно завршена, а предвидени се три главни влезови – за управните служби, за полициските служби и посебен притворски влез. Внатрешноста на објектот е опремена со современи простории за работа, вклучително и посебно опремени простории за работа со деца – жртви на насилство, изолирана оружарница, модерни сали за состаноци на секој кат, магацински простории, како и единаесет простории за задржување со специјални безбедносни врати и прозорци. Во објектот е предвидена и посебна просторија за препознавање, а инсталирано е и подно греење. Електричните инсталации и цевководите се веќе завршени, додека во тек е финалната фаза на поставување на подовите и системот за греење.