Штип вечерва ќе им оддаде почит на загинатите во кочански „Пулс“
2026-03-16 - 15:18
Штип вечерва ќе им оддаде почит на Филип Ивановски, Дамјан Таневски, Александар Ефремов, Филип Стевановски и на Александар Коларов, кои пред една година починаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во 18.30 часот ќе биде поставен камен-темелник за изградба на спомен-обележје кај малата фонтана во близина на градскиот плоштад Слобода. Штип ќе гради спомен обележје во чест на загинатите штипјани во пожарот во кочански „Пулс“ Во рамките на спомен-обележјето ќе има пет гулаби и еден ангел, а ќе бидат изгравирани и имињата на загинатите штипјани. Од Општината велат дека Штип стои заедно со Кочани во овие тешки моменти, обединети во болката, но и во надежта. Вечерва, на плоштадот Слобода, од 19.10 часот, ќе се палат свеќи во чест на починатите, а настанот ќе заврши во 19.30 часот со симболично ѕвездено небо – момент кога присутните ќе ги вклучат светилките од своите мобилни телефони.