TheNorthmacedoniaTime

На Табановце запленети повеќе од половина милион необележани јајца од Србија

2026-03-29 - 08:24

Инспекциските служби и Одделението за следење на измами со храна при Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во координирана акција со Царинската управа, во текот на минатата недела спречиле обид за нелегален увоз на две пратки со неозначени јајца од Србија. Како што информираат од АХВ, акцијата била реализирана на граничниот премин Табановце, врз основа на оперативни сознанија и повеќемесечно професионално следење на активностите на домашни увозници и извозници на јајца. При спроведена детална контрола на две пратки, инспекциските служби откриле над 572 илјади необележани свежи јајца, кои биле сокриени зад првите палети со уредно декларирана стока. Во првата пратка биле пронајдени 270 илјади необележани јајца, додека во втората биле откриени уште 302.400 јајца без соодветна ознака. Според сознанијата на Агенцијата, овие производи требало дополнително да бидат обележани и потоа лажно да се пласираат на пазарот како македонски производ, со што директно би се довел во прашање угледот на домашното производство, но и конкурентноста на македонските производители. Од АХВ посочуваат дека со навремената реакција е спречена сериозна измама со храна, како и можен ризик за потрошувачите. Вкупната количина од 40 тони и 410 килограми јајца е прогласена за небезбедна, по што е нештетно уништена на депонијата Дрисла. Агенцијата оценува дека овој случај претставува уште една потврда за важноста на институционалната координација во спречувањето на измами со храна и во заштитата на јавното здравје. Воедно, од таму нагласуваат дека остануваат посветени на засилени контроли на терен и на бескомпромисна борба против сите облици на незаконско постапување во прометот со храна. За субјектите кои биле вклучени во случајот, како што најавуваат од АХВ, ќе бидат изречени соодветни мерки, а ќе следуваат и дополнителни проверки на нивното досегашно работење.

Share this post: