Силна поддршка на македонската култура и уметност на меѓународно ниво
2026-03-26 - 14:13
Во македонскиот КИЦ во Загреб свечено беше отворена изложбата на македонската Национална галерија „Архивски документи“ на светски признатата македонска уметница Жанета Вангели. Во присуство на македонскиот Амбасадор Н.Е. Драган Ѓурчевски и бројни гости – истакнати претставници на македонски и хрватски институции и организации во Загреб, претставници на дипломатскиот кор, многубројни Загрепчани, Македонци кои живеат, работат или се школуваат во Загреб, универзитетски професори, како и претставници на државната и локалната власт во Република Хрватска, изложбата ја отвори претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова, која беше во официјална посета на Хрватска. „Преку специфичниот визуелен јазик и концептуален пристап, Вангели уште еднаш потврдува дека македонската културна сцена има што да му понуди на европскиот културен простор. Оваа изложба не е само уметничко доживување, туку и длабоко промислување на историјата, идентитетот и меморијата. Ваквите настани се потврда на моќта на културната дипломатија. Македонскиот КИЦ во Загреб продолжува да биде нашиот најдобар амбасадор, место каде што македонскиот дух и креативност се среќаваат со пријателската хрватска јавност“, истакна Силјановска Давкова. „Присуството на претседателката Сиљановска-Давкова претставува силна поддршка на македонската култура и уметност на меѓународно ниво и порака дека културата и уметноста имаат значајно место во државните приоритети, а културната дипломатија претставува важен инструмент за градење на пријателство, разбирање и соработка меѓу народите“, истакна директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска. „Ми претставува посебно задоволство што првиот програмски проект на Националната галерија за 2026 година, изложбата „Архивски документи“ на професорката и ликовна уметница Жанета Вангели го реализираме во македонскиот КИЦ во Загреб, а честа е голема што истата ќе ја отвори претседателката, Гордана Силјановска Давкова, рече директорот на Националната галерија, Али Синани. „Изложбата „Архивски документи“ претставува ново авторско истражување на Вангели. Оваа изложба е, всушност, една сублимација на главните интересни зони кои се во нејзиниот фокус, една метафизичка манифестација во време-просторот што таа го сведочи. Низ четиридецениското творештво, преку архивските документи, Вангели несомнено евидентира различни претстави на духовна слобода и привлекува внимание кон доживувањето на времето, поканувајќи ја публиката да го почувствува сегашниот миг преку проекција на доживеаното“, истакна Маја Крстевска, виш кустос и програмски раководител. Ова е прво претставување на Вангели пред хрватската публика, со вкупно 41 дело изработени во техника принт на плексиглас и придружни аудио материјали. Проектот е замислен како патувачка изложба, која ќе биде поставена и во културните центри во Белград, Истанбул и Софија, поддржан од Министерството за култура и туризам. Изложбата во македонскиот КИЦ во Загреб ќе биде поставена и отворена за посетители до 10. Април.