Сѐ повеќе луѓе пријавуваат семејно насилство во Велешко
2026-03-02 - 12:28
Расте бројот на пријави за семејно насилство во Велешко, а според податоците на институциите, во 2025 година бројките се повисоки во однос на претходните две години, објави СДК. Во СВР Велес лани биле регистрирани 93 случаи, во 2024 година 76, а во 2023 година бројот на пријави е 59. Во Центарот за социјални работи Велес во 2025 година се евидентирани 86 случаи, во 2024 година – 73, а во 2023 година, пак, 68 случаи. Податоците ги опфаќаат општините Велес, Чашка и Градско. Од Организацијата на жени на Велес појаснуваат дека не значи нужно дека насилството се зголемува, туку дека расте бројот на пријави бидејќи жените се охрабруваат да побараат помош. Жртвите најчесто се жени, но има и мажи кои пријавуваат насилство. Според податоците од Меѓуопштински центар за социјални работи (МЦСР) Велес, од вкупно 86 сторители во 2025 година, 71 биле мажи, а 15 жени. Евидентирани се 91 жртва – 72 жени и 19 мажи. Во шелтер-центарот во Велес минатата година престојувала една жена.