Пратениците против воведување електронска нараквица за следење на насилници
2026-03-18 - 15:04
Собранието повторно не ги усвои измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, со кои беше предвидено воведување електронски нараквици за сторителите. Предлог-измените, кои предвидуваа покрај мерката за забрана за приближување, сторителите да носат и електронски уреди за следење и навремено предупредување на жртвата, не добија поддршка од пратеничкото мнозинство. Станува збор за иницијатива што не е нова, истите измени беа поднесени и минатата година, но и тогаш не беа изгласани. Предлогот беше поднесен од пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова, но не успеа да обезбеди доволен број гласови во Собранието. Од вкупно 97 регистрирани пратеници, „за“ гласаа само 27, што не беше доволно за усвојување на измените. Со ова, по вторпат пропаѓа иницијативата за воведување електронски надзор на сторителите на семејно насилство, мерка која требаше да придонесе за поголема заштита на жртвите. „Од денес станувате соучесници во секоја следна жртва, во системот кој овозможува макар и една жена да живее во страв,“ вели Зајкова.