САД ги прекинува сите трговски односи со Шпанија, најави Трамп
2026-03-03 - 18:57
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ќе ја прекинат целата трговија со Шпанија, откако земјата не ѝ дозволи на американската војска да ги користи нејзините бази за мисии поврзани со нападите врз Иран, пренесе МИА. Шпанија беше ужасна. Му реков на (американскиот секретар за финансии) Скот Бесант да ги прекине сите деловни односи со Шпанија. Не сакаме да имаме ништо со Шпанија“, рече Трамп за време на заедничката прес-конференција со германскиот претседател Фридрих Мерц. „Ел Паис“ претходно денеска објави дека шпанскиот премиер Педро Санчез одлучил да не им дозволи на САД да ги користат американските воени бази во Шпанија за операции против Иран, и покрај можните политички последици од таквата одлука. Шпанската влада објави дека нема да придонесе на никаков начин во војната предводена од американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, оценувајќи дека ова е конфликт без меѓународна правна основа и без мандат на Обединетите нации. Шпанската влада претходно нагласи дека се спротивставува на иранскиот режим, но дека отфрла воена интервенција без јасна цел и меѓународен мандат. Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Алварез, изјави дека Европа мора да дејствува како глас на рамнотежа и деескалација, а не да поддржува еднострани воени дејствија надвор од Повелбата на ОН, додека министерката за одбрана на земјата, Маргарита Роблес, потврди дека, по шпанската одлука, Пентагон повлече околу 10 авиони-танкери KC-135 од базите Морон и Рота, каде што беа распоредени за поддршка на американските операции. Шпанија е меѓу ретките европски земји кои отворено ја осудија акцијата на САД и Израел, додека некои членки на ЕУ изразија резерви, но нагласија дека ги разбираат целите на нападот. Мадрид вели дека ќе продолжи да инсистира на деескалација и враќање на преговорите, предупредувајќи дека продолжениот конфликт би можел да има сериозни последици за Европа.