Мицкоски: Доколку е точно дека адвокатот Менкиноски добил забрана за влез во Бугарија тоа е уште еден срам за демократијата кај нашиот источен сосед
2026-03-07 - 14:08
Премиерот Христијан Мицкоски реагираше на информацијата дека адвокатот Тони Менкиноски добил забрана за влез во Бугарија во траење од десет години, оценувајќи дека доколку тоа се потврди, станува збор за сериозен удар врз демократските принципи. „Доколку е точно, тоа е уште еден срам за демократијата кај нашиот источен сосед. Тоа е поголем срам за сите оние кои не веруваат во вистинските намери на политичарите кај нашиот источен сосед. Јас би се чувствувал засрамено да сум човек кој седи на иста маса и треба да споделува исти вредности со политичарите кај источниот сосед. Тука мислам на земјите членки на Европската Унија кои треба да реагираат, ако ова е така“, изјави Мицкоски. Претходно адвокатот Тони Менкиноски информираше дека официјалните власти во Софија му изрекле забрана за влез во Република Бугарија во траење од десет години. Тој ја оцени одлуката како скандалозна и како директен притисок врз неговата адвокатска работа. Менкиноски кажа дека забраната претставува обид за замолчување поради неговата улога како правен застапник на Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.