TheNorthmacedoniaTime

Денеска врзете си мартинка – Црвено-белиот симбол на пролетта за здравје и среќа

2026-03-01 - 13:07

Денеска е 1 март – денот кога на рацете, околу вратот или на облеката се појавуваат црвено-белите плетенки познати како мартинки. Овој обичај, длабоко вкоренет во народната традиција, се практикува во Македонија, Бугарија, Романија, Грција и делови од Србија, а е поврзан со доаѓањето на пролетта, здравјето и заштитата од зло. Празникот во народниот календар е познат и како Баба Марта, Марта, Првна Марта, Летник или Мартинден. Мартинката е изработена од усукани конци, најчесто волнени, во две основни бои: црвена и бела. Црвената ја симболизира крвта, животот и виталноста, а белата – чистотата, среќата и новиот почеток. Според традицијата, најстарата жена во семејството наутро на 1 март им врзува мартинки на децата „за здравје и против уроци“. Се верува дека среќа носи онаа мартинка што ќе ја добиете како подарок, па затоа роднините и пријателите си ги разменуваат меѓусебно. Обичајот има статус на нематеријално културно наследство. Во 2017 година практиките поврзани со 1 март беа впишани на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на човештвото на УНЕСКО. Во Македонија мартинките се прогласени за културно наследство од особено значење со одлука од 2019 година, со што формално се потврдува нивната историска и етнолошка вредност. Датирањето на обредот не може прецизно да се утврди. Станува збор за архаична пракса поврзана со култот кон природата и плодноста, присутна на Балканот со векови, а можеби и милениуми. Во народните верувања мартинката не е само украс, туку и заштита – „за од змии“, односно за човекот да биде безбеден преку летото. Во некои предели се верува дека не треба да ја види сонце, за да не „изгори“ носителот од летната жега. Мартинките се носат сè додека не се види првата ластовица, штрк или процветано дрво, симболи на доаѓањето на пролетта. Потоа се симнуваат и се оставаат под камен или на гранка од трендафил. Според народното гатање, ако под каменот по извесно време има мравки, годината ќе биде бериќетна. Во некои краишта мартинката се пушта и во река, „да оди како што тече водата“. Иако најчести се црвено-белите, постојат и варијанти со бело-црна, црвено-модра или бело-жолта комбинација, а во одредени региони се користат и памучни, ленени или свилени конци. Според една легенда, празникот е поврзан и со древната Ксантика – празник на пролетта, љубовта и обновата, симболизиран токму со црвено-белата плетенка.

Share this post: