TheNorthmacedoniaTime

Коста Кецмановиќ ќе говори на судењето на неговите родители

2026-03-25 - 07:43

Во зградата на Специјалниот суд во Белград денеска, на судењето на Миљана и Владимир Кецмановиќ, треба да биде сослушан нивниот син К.К., кој на 3 мај 2023 година уби девет соученици и училишен чувар, а рани шест ученици и една наставничка, во основното училиште „Владислав Рибникар“. Таа постапка е затворена за јавноста, па затоа никој официјално не објавил дека малолетникот ќе биде сослушан, но на тоа укажува фактот дека во текот на претходната постапка, судењето беше преместено од Палатата на правдата во друг суд само кога К.К. беше испрашуван, јавија белградски медиуми. К.К. треба да биде донесен од здравствената установа каде што се наоѓа речиси три години. Таткото Владимир и мајката Миљана од почетокот на судењето ја негираат вината. Тоа судење е затворено за јавноста по предлог на Вишото јавно обвинителство во Белград, со цел да се заштитат интересите на малолетниците и приватноста на оштетените, а постапката се повторува бидејќи Апелациски суд во Белград ја поништи првостепената пресуда со која Кецмановиќ беа осудени на неколку години затвор и побара судењето да се повтори. Владимир Кецмановиќ беше осуден на затворска казна од 14 и пол години со првостепената пресуда за кривично дело занемарување и злоупотреба на малолетно лице и тешко дело против јавната безбедност, додека неговата сопруга Миљана Кецмановиќ е осудена на затворска казна од три години за кривично дело занемарување и злоупотреба на малолетно лице. Со истата пресуда, Немања Маринковиќ инструктор на стрелиште каде што К.К. вежбал пукање, осуден на една година домашен затвор за лажно сведочење. Покрај кривичната постапка, против Кецмановиќ се водеа и пет граѓански постапки врз основа на тужби поднесени од членови на семејства на убиените и ранетите, од кои сите беа завршени во прв степен. Момчето К.К., кое во времето на тоа злосторство се уште немало 14 години и затоа не е кривично одговорно, пукаше на 3 мај во тоа белградско училиште со два пиштола на својот татко, кои ги зел на 1 мај 2023 година. МИА

Share this post: