Пет лица, од кои четири малолетни, уапсени заради лажни дојави за бомби во училишта во Тетово
2026-03-26 - 13:23
Пет лица, од кои четворица малолетници, се уапсени заради инволвираност во случаите со лажните дојави за поставени бомби во дел од основните и средните училишта во Тетово. Министерството за внатрешни работи денеска информира дека полицијата од Тетово лиши од слобода тројца малолетници, а претходно и уште две лица од кои едниот малолетник, исто така инволвирани во случаите со лажните дојави за поставени бомби. Од МВР велат дека против сите пет лица ќе бидат поднесени кривични пријави и апелираат до родителите итно да преземат соодветни мерки за контрола врз своите деца. „Потребно е максимално внимание и превенција за да се спречи какво било понатамошно појавување на вакви појави кои ја вознемируваат јавноста и го нарушуваат безбедносниот систем. Нема да се толерираат никакви обиди за загрозување на безбедноста на учениците и граѓаните. Во случаи на идни вакви дејствија ќе се преземаат најстроги законски мерки против сторителите, но и против родителите за занемарување на должноста за надзор. Ќе се иницираат педагошки и социјални мерки во тесна соработка со образовните институции и Центрите за социјална работа“, посочуваат од МВР.