„Дојди и ти, затоа што воздухот нема да се исчисти сам!“ – најавен протест за чист воздух пред институциите
2026-01-27 - 12:36
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ преку социјалните мрежи повика на протестен марш што ќе се одржи во сабота, на 31 јануари, со почеток пред Владата, по што учесниците ќе се упатат кон Собранието и маршот ќе заврши пред Министерството за животна средина. Со истакнато мото „Дојди и ти, затоа што воздухот нема да се исчисти сам!“, од иницијативата порачуваат дека протестираат за одбрана на правото на чист воздух и за притисок врз институциите конечно да преземат конкретни мерки, нагласувајќи дека профитот не смее да биде пред здравјето и животот на граѓаните. „Ајде заедно да кажеме СТОП за труењето од УСЈЕ. Се гледаме во сабота!“, стои на нивниот Инстаграм профил. Досега, поради загадувањето на воздухот се случија два протести пред цементарницата „Титан Усје“, каде стотици граѓани излегоа да бараат прекин на континуираното аерозагадување. Иницијативата досега имаше испратено барања до повеќе институции, а истите ги објави и јавно. Барањата беа насочени кон постојан и транспарентен мониторинг на загадувањето, строги казни и запирање на работата при надминување на границите, усогласување со стандардите на СЗО, премин кон почисти енергенси и укинување на законски пречки што ја ограничуваат јавноста, со цел целосна контрола и намалување на индустриското загадување.