Во вторник државата ќе организира уште една евакуација на македонските граѓани од Блискиот Исток
2026-03-09 - 07:48
По вчерашното евакуирање на 151 лице од Дубаи кои пристигнаа вечерва на Скопскиот аеродром, се очекува следен авион да има во вторник, со кој отприлика волкав број патници ќе пристигнат во државата. Третиот лет се планира за средината на неделата, но се уште се чека да се види дали ќе се зголеми интересот на македонските граѓани од ризичните подрачја, за да биде целосно искористен потенцијалот за извлекување што го организира државата. Како што изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се работи и на евакуација на наши граѓани кои се во Бахреин, Катар и Кувајт. Тие ќе бидат однесени во Саудиска Арабија од каде се очекува во среда да бидат донесени со еден авион. Веројатно авионот ќе мора да слета на територија на Косово, но ние ќе го организираме превозот од Приштинскиот аеродром до Скопје. За сето тоа навреме ќе информираме. Од Израел ги извлековме сите што бараа евакуација, освен еден државјанин, но тоа лице инсистираше извлекувањето да биде од територијата на Израел. Две групи извлековме преку Египет и тој процес успешно заврши. Има уште еден државјанин кој бара асистенција и за него бараме начин како да го евакуираме, не исклучувам дека во следните денови таа бројка ќе биде променлива. Нашите линии остануваат 24 часа отворени за нашите граѓани, во секое време, секој што смета дека не се безбедни условите, ние правиме се во следниот период да ги извлечеме. Мојата цел како министер е до крајот на оваа недела сите наши граѓани од погодените подрачја што побарале евакуација да бидат во државава. Клучна и најбитна е безбедноста на граѓаните и тука не смееме да правиме компромис. Затоа, некогаш некои процеси можеби ќе траат подолго и ќе бидат посложени, но не смееме да дозволиме ниту еден наш граѓанин да биде ставен под ризик, потенцира Муцунски кој ги пречека патниците од Дубаи. Министерот апелира македонските граѓани кои се наоѓаат во ризичните подрачја и се пријавиле за евакуација, ако одлучиле да не бидат евакуаирани тоа да го пријават. Вкупно 14 граѓани кои требале да бидат на денешниот лет од Дубаи за Скопје до последен момент најавувале дека ќе дојдат, но не се појавиле на аеродромот. Ги повикуваме нашите државјани, кога одлучуваат да не ја користат оваа услуга, на евакуирање, да не информираат навреме за тоа. Среќа што бевме подготвени и што се ангажираше нашата Амбасада со листа на чекање, да ги пополниме тие 14 места со граѓани што требаше да бидат на летот во вторник. Замолувам и апелирам на максимална одговорност зашто се трошат буџетски средства. Кога е во прашање безбедноста, нашата цел е секој лет да биде пополнет до последното возможно место, рече Муцунски. Тој потсети дека за целокупната оваа операција на евакуирање македонските граѓани нема да треба ништо да платат. Со вечерашниот организиран чартер лет од Обединетите Арапски Емирати пристигнаа 151 патник од кои повеќето се македонски државјани, еден е од Црна Гора, еден од БиХ, еден од Србија, двајца се од Косово, а четворица се со холандско државјанство.