TheNorthmacedoniaTime

Моден форум: Да се смени застарената програма во средните текстилни училишта, да се вметнат дигитални алатки и да има многу повеќе часови пракса во реалниот сектор

2026-03-17 - 14:33

Интересот за средните стручни училишта се зголемува, но се уште е мал бројот на средношколци кои се запишуваат на отсекот текстил. Ова е резултат на застарената, неатрактивна програма, неприлагодена на новото време и трендовите, која продуцира само текстилни работници, но не и дизајнери. Во неа треба да се вметнат дигитални алатки и да се предвидат многу повеќе часови практична работа, директно во реален производен процес, порачаа учесниците на денешниот DMWC Моден форум кој обедини претставници од модната индустрија, образованието и технолошкиот сектор. Како што беше речено, многу е важно и изучувањето на рачните вештини – шиење, плетење, везење, зашто уникатните производи секогаш има поголема вредност. Вешташката интелигенција може да се користи, но повеќе како асистент, за да помогне во процесот. Никако не може да биде извор на инспирација или некој што ќе ја врши работата наместо луѓето. Треба да ги охрабриме идните модни дизајнири и луѓето кои би работеле во индустријата, дека има перспектива, да ги охрабриме за новите технологии кои им отвораат нови можности. Но, мора и да укажеме дека проблемот е уште во средното образование. За жал, кај средните текстилни школи нема голем интерес. Според мене, проблемот е во тоа што програмата е прилично застарена. Новото време носи нови работи, програмата треба да се надополнува. Ние се обидуваме како неформално образование да ги пополниме сите дупки и да бидеме гласни, дека навистина има перспектива и дека програмата треба да се менува, да се приспособи на новото време. За жал, засега, програмата кај голем дел од текстилните училишта е само за да направи идни текстилни работници, а гледаме каде оди оваа индустрија кога може некои дизјанери да живеат во Македонија и да работат за најголемите светски брендови надвор. Значи, мора да се приспособи програмата на новото време и на новите потреби. Треба да има вметнување на дигиталните алатки – дигитална изработка на кроеви. Тоа е идна професија која отвора можности – да живееме тука, а да работиме за најјаките брендови надвор. Веќе имаме такви успешни компании во Македонија. Тие деца понатаму, како дизајнери, може да работат и во гејминг индустријата, изјави Ирина Тошева, дијзанерка и едукаторка за одржливост. Според неа, фокусот треба да се стави повеќе на дизајнот и на занаетчиството, кое, рече, изумира. Многу се важни рачните вештини кои ако професорите во школо не ги научат децата, во програмата ги нема. Да покажеме дека вештачката интелигенција не може да ја замени работата со раце, тие деца утре ќе можат да бидат конкурентни на пазарот, уште од 17 – 18 години да почнат свој сопствен бизнис, истакна Тошева. Извршната директорка на Занаетчиската комора, Анета Атанасовска, особено укажа на потребата од што повеќе пракса на учениците, диртектно во фабриките или дуќаните. Кога се креираат наставните содржини, нагласи, треба да бидат консултирани и работодавачите и оваа пракса Комората веќе ја применува. Системските промени почнаа во декември 2025 со донесувањето на новиот Закон за стручно образование. Системски се воведува дуалното образование, навистина почнаа промени во тој дел, но недостасуваат поголем број часови практична работа, директно, во реален процес, кај работодавачите, зашто таму се учи тоа што на децата им недостига. Праксата во школо е еден начин на образување во делот на практични знаења и вештини, но во реалниот процес, кај работодавач, се учи она што треба. Има можности за промена на наставни програми, вклучување на работодавач во креирање на наставна програма по негови потреби. Веруваме дека со овие промени ќе настанат видни поместувања во однос на интересот на учениците за стручно образование. Видливи промени во однос на интересот почнаа пред околу три години, гледаме дека има поместувања. Кога се креираат наставните содржини треба да бидат консултриани и работодавачите. Комората директно вклучува работодавачи од струката, особено мајстори, занаетчии со мајсторска диплома. Изработена е веќе и програма за мајсторски испит за кројач на женска облека, во што беа вклучени директно работодавачи, потенцира Атанасовска. Таа смета дека во Македонија има врвни модни дизајнери кои можат да бидат препознатливи и во странство, само им треба, како што напомена, добра поддршка. Словенечкиот амбасадор Грегор Прескер, подвлече дека модата одамна не е само форма на уметнички израз, туку е дел од економијата, културата и идентитетот на едно опшество. Оваа динамична индустрија постојано се менува и се развива под влијание на новите технологии, одржливите практики и глобалните трендови. Затоа е многу важно да се создава простор каде ќе се сретнат образованието, индустријата и новите идеи, простор каде ќе се разговара за предизвиците, но и за можностите што ги носи иднината, порача амбасадорот. Во рамки на DMWC Модниот форум се одржаа две панел дискусии: „Модното образование и индустријата: каде сме и што понатаму“ и „Од скица до алгоритам: технологија и ВИ во модата“. Учесниците испратија порака и дека граѓаните, со купувањето, практично одлучуваат дали со нивните пари ќе ги поддржат локалните, македонски дизајнери, а со тоа и домашната економија или ќе и дадат предност на т.н. брза мода што ја продуцираат големите брендови. Стана збор и за можноста парчињата кои веќе ги имаме во плакарите да се обноват или да се поправат, од старо да се направи ново преку стекнување вештини со помош на нашите кројачи и дизајнери.

Share this post: