TheNorthmacedoniaTime

Концерт на „Фанк шуи“ вечерва на Видик

2026-03-26 - 08:53

Еден од најактуелните алтернативни бендови кај нас „Фанк шуи“ вечерва во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ ќе одржи концерт во рамки на третото издание на Фестивалот за литература и општа култура „Видик“ што почна синоќа во организација на „Литература.мк“. Со креативна фузија на повеќе области на културата, фестивалот „Видик“ отвора нови видици, давајќи им значајна поддршка на авторите и уметниците од различни области на културното творештво во нашата земја. Бендот „Фанк шуи“, основан пред 16 години, се вбројува меѓу најпрепознатливите имиња на современата македонска и регионална музичка сцена. „Фанк шуи“ започнува како авторски проект што со текот на времето прераснува во стабилен музички состав. Нивниот деби-албум „Aether“ беше објавен во 2012 година, по што следуваше „R.E.M.“ во 2015 година и ЕП-то „Импулс“ во 2018 година. Во 2023 година бендот го објави третиот студиски албум „Никогаш Пак“, кој ги вклучува сингловите „Ветер“, „Не Време“ и „Крик“. Албумот беше проследен со промотивни активности и две распродадени концертни вечери во Скопје. Во изминатите години Funk Shui настапуваа на повеќе меѓународни музички фестивали и конференции, меѓу кои Eurosonic ESNS, MENT Ljubljana, Mondo.NYC, Athens Music Week, PIN Music Conference и Liverpool Sound City. Синглот „Метеори“ беше прогласен за „Сингл на годината 2020“ според публиката на порталот Balkanrock. Бендот е номиниран за HEMI Music Awards во 2021 и 2023 година, како и за INES Talents во 2021 и 2022 година. Зад себе имаат турнеи низ Велика Британија, Полска, Австрија, Германија, Холандија и низ повеќе балкански земји.

Share this post: