TheNorthmacedoniaTime

Охриѓанец го тепал и го влечел за коса своето дете, доби кривични пријави

2026-03-26 - 12:33

Охриѓанец доби кривична пријава бидејќи го претепал своето дете и и се заканувал на сопругата. Како што информираат од Основното јавно обвинителство Охрид поведена е постапка против 45-годишен охриѓанец, за кривични дела телесна повреда, загрозување на сигурноста и неизвршување на судска одлука. „Осомничениот, на 24 март во семејниот дом во Охрид, физички го нападнал и телесно го повредил неговиот 10-годишен син. Детето го удирал со тупаници, шамари и клоци по целото тело, а во еден момент го фатил за коса и така го подигнал од подот. Исто така, тој во континуитет подолг период упатувал сериозни закани по живот со што ја загрозил сигурноста на неговата сопруга“, информираат од ОЈО. Посочуваат дека осомниченот вршел семејно насилство и покрај активно изречени судски мерки за заштита од семејно насилство, со кои му било забрането физички и психички да ги малтретира сопругата и двете малолетни деца. Забраните од судот не ги почитувал, а поради очигледната намера да го повторува насилството, како и поради ризикот од бегство, јавниот обвинител побара притвор.

Share this post: