TheNorthmacedoniaTime

Мицкоски: Вештачката интелигенција и енергетиката се клучни за развој на секој сегмент во општеството

2026-03-28 - 13:34

Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, во своето обраќање пред млади лидери и претставници на Европските демократски студенти, порача дека иднината на глобалниот развој ќе биде дефинирана од вештачката интелигенција и енергетскиот сектор. Говорејќи во Скопје, Мицкоски истакна дека наместо класичен политички говор, одлучил да се фокусира на темата за вештачката интелигенција, поради нејзиното клучно значење за иднината на човештвото. Од машинско учење до глобален тренд Премиерот се осврна и на своето академско искуство како поранешен професор по мехатроника, нагласувајќи дека пред две децении терминот „вештачка интелигенција“ речиси и не се користел, туку се зборувало за машинско учење и алгоритми како фази логика, генетски алгоритми и невронски мрежи. „Денес сите зборуваат за вештачка интелигенција, но не сум сигурен дека сите го разбираат нејзиното значење“, рече Мицкоски. Енергијата како предуслов за АИ Тој потенцираше дека развојот на вештачката интелигенција е директно поврзан со достапноста на електрична енергија и изградбата на дата центри. „Не можете да користите вештачка интелигенција без центри за податоци, а тие зависат од електрична енергија“, нагласи премиерот. Според него, глобалната побарувачка за електрична енергија ќе расте значително побрзо од вкупната енергетска побарувачка, што ќе создаде огромни инвестициони можности. Иницијатива за 400 милијарди долари Мицкоски ја претстави и идејата за регионална иницијатива – SECI (Skopje Electricity Connectivity Initiative), која има за цел да ги мобилизира шесте земји од Западен Балкан. Целта, како што објасни, е регионот да привлече 0,01% од глобалните енергетски инвестиции, што би значело околу 4 теравати нови капацитети и инвестиции до 400 милијарди долари. „Ова може целосно да ја трансформира економијата на регионот“, рече тој, додавајќи дека станува збор за реална економска можност, а не политичка реторика. Поврзување и енергетска безбедност Премиерот најави и инфраструктурни проекти, вклучително и гасни интерконектори со Грција и Србија, како и нови далноводи за поврзување со соседните земји. Овие проекти, според него, ќе ја зголемат енергетската безбедност, ќе ја подобрат регионалната поврзаност и ќе овозможат развој на дата центри неопходни за АИ. Порака до младите: Иднината не е во популизмот Во завршницата, Мицкоски упати порака до младите политичари дека иднината не припаѓа на популизмот и „романтичните идеи од минатото“, туку на знаењето и разбирањето на новите технологии. „Современиот политичар мора да има познавање од вештачката интелигенција и енергијата. Во спротивно, нема да биде успешен“, порача тој.

Share this post: