TheNorthmacedoniaTime

СДСМ побара оставка од Тошковски заради пропусти на институциите кои доведоа до смрт на мајка и дете

2026-03-04 - 10:08

За трагедијата во Карпош мора да има одговорност и оставка од Панче Тошковски, побараа денеска од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Од партијата велат дека трагедијата во која трагично згаснаа два животи на мајка и дете, покажа сериози пропусти на институциите за заштита од семејно насилство. „Две години пријавувано семејно, физичко и психичко насилство. Дури 12 пријави имало за сопругот, кој имал и други обвиненија а последниот случај му била најдена и дрога. Институциите биле алармирани, било пријавувано, имале сознанија, имало индиции за ризик и со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите. Формалното постапување, непочитувањето на законските одредби за гонење на семејно насилство по службена должност, недостатокот на навремена реакција доведоа до трагична смрт на мајка и дете,“ велат од СДСМ. Тие потсетуваат и на случни настани од минатото, како што беше случајот пред неколку месеци, во Велес, каде млада жена не беше заштитена, иако пријавувала малтретирање. Од партијата велат дека институциите не реагирале соодветно, а таа беше убиена заедно со нејзиниот татко. „Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство. За сите овие институционални пропусти мора да има одговорност. Бараме оставка од Панче Тошковски, соодветна истрага која со име и презиме ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и кај сите останати институции“, посочуваат од СДСМ. На барањето од опозициската партија реагираа и од ВМРО ДПМНЕ од каде велат дека СДСМ трагедијата ја користи за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија.

Share this post: