TheNorthmacedoniaTime

„Матица“ ја заокружува иницијативата „Подари книга, подари свет“ со голема донација за Македонците во Албанија

2026-03-02 - 08:48

Со голема донација од книги за Македонците во Албанија, издавачката куќа „Матица македонска“ ја заокружи иницијативата „Подари книга, подари свет“ по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги и во рамките на чествувањето на 35-годишнината од нејзиното основање. Клучни книги за македонската историја, студии за македонскиот јазик, избрани дела од дел од најзначајните македонски поети и прозаисти, дела од и за македонската книжевна историја, монографски изданија за македонската култура и антологии се само дел од донацијата на „Матица македонска“ за Македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Друштвото е формирано во 2009 година со цел да се заштити македонското национално малцинство во Република Албанија и е првото друштво на Македонци надвор од матичната држава што е рамноправен член со право на глас во Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Донацијата од „Матица македонска“ е најголемиот и највреден дар од книги на македонски јазик што досега е даден за Македонците во Албанија, соопшти „Матица“. Издавачката куќа информира дека Македонско друштво „Илинден“ – Тирана упатува искрена благодарност за вредната донација со македонска литература. Оваа значајна иницијатива претставува силна поддршка и дополнителен поттик за зачувување, негување и афирмација на македонскиот јазик, култура и идентитет меѓу Македонците во Република Албанија. Со вакви дела на солидарност и соработка се зацврстуваат културните врски и се создаваат нови можности за понатамошна поддршка и заеднички активности. Гестот и заложбата на првата издавачка куќа во самостојна Македонија, Македонците од Албанија, вклучително и младите генерации да имаат можност да читаат и да се едуцираат на македонски јазик од вредни дела, притоа осознавајќи многу за македонскиот идентитет, е од суштинско значење за нас и за остварување на нашата цел, истакнува претседателот на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај. Во соопштението е наведено дека донацијата од „Матица македонска“ содржи изданија што ќе можат да ги опфатат сите предели каде што живее македонското национално малцинство во Албанија и каде што Македонкото друштво „Илинден“ има активности, вклучително и преку органокот во Голо Брдо. Во текот на изминатите недели, во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“, „Матица македонска“ донираше книги и за Друштвото на иселениците од Македонија „Егемакгоч“ во Измир, Турција, за училиште во Света Недела, Хрватска, каде што се изучува македонскиот јазик, како и за Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана

Share this post: