Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод празникот Свети Сава
2026-01-27 - 07:52
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до граѓаните од српска националност по повод празникот Свети Сава. „Почитувани сограѓани од српска националност, Ми претставува особена чест и задоволство да ви го честитам Националниот ден на Србите во земјава, празникот Свети Сава. Ви посакувам овој голем празник да го поминете во добро здравје, мир и спокој, а вашите домови да бидат исполнети со радост и меѓусебна слога. Делото на Свети Сава како просветител и мировник е вечен патоказ за тоа како се негува духовноста, но и како се гради заедништво засновано на меѓусебно почитување и разбирање. Токму српската заедница, со својот богат културен идентитет и традиција, е важен сегмент на македонското мултикултурно општество. Вашиот придонес во сите општествени сфери ја прави македонската држава побогато, посовремено и попросперитетно место за живеење. Во овие времиња полни со предизвици, пораката на Свети Сава за единство и љубов е поважна од кога било. Таа нè потсетува дека силата лежи во нашиот соживот и во меѓусебната почит. Да продолжиме сплотени да чекориме по патот на напредокот, потпирајќи се на мостовите на пријателството што со векови ги градиме. Честит 27 Јануари, Денот на Свети Сава“.