TheNorthmacedoniaTime

В недела почнува летното сметање на времето

2026-03-27 - 10:04

Летното сметање на времето почнува овој викенд, кога во недела, на 29 март, часовниците ќе се поместат еден час нанапред. Тоа ќе се случи во 02:00 часот, кога времето ќе се смета како 03:00, што значи дека денот наместо 24 ќе трае 23 часа. Со ова практично почнува периодот на летно сметање на времето, кој трае до последниот викенд во октомври. Вообичаено, кога стрелките се поместуваат нанапред, се вели и дека „спиеме еден час помалку“, бидејќи ноќта е пократка. Целта на промената од зимско кон летно сметање на времето, и обратно, е подобро искористување на дневната светлина и заштеда на енергија. Сепак, ова прашање со години е предмет на расправи во Европа и пошироко. Во изминатите години повеќе земји повикуваа на укинување на летното сметање на времето. Поттикната од тие иницијативи, Европската унија уште во 2016 година отвори постапка за утврдување единствено време што би важело за сите држави на континентот, но без конечен договор. Причината е што дел од земјите се залагаат времето во текот на целата година да се мери според зимското сметање, додека други се за задржување на летното сметање како трајно решение. Покрај политичките и практичните аргументи, во јавноста со години се отвора и прашањето за влијанието на оваа промена врз здравјето. Многу луѓе по поместувањето на часовникот се жалат на замор, пад на енергијата и промени во расположението. Иако медицината нема целосно усогласен став по ова прашање, постојат истражувања според кои на организмот му се потребни околу 15 дена за целосно да се приспособи на новиот ритам.

Share this post: