Владата ќе организира меѓународна конференција „За институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“
2026-03-11 - 14:17
Владата ќе организира меѓународна конференција на 14 март, посветена на трагедијата во Кочани. Конференцијата со наслов „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“ ќе обедини претставници на институциите, здравствени експерти, меѓународни организации и хуманитарни партнери. „Конференцијата има за цел да се направи една сеопфатна анализа на одговорот на трагедијата, од првичната интервенција и спасувањето животи, до долгорочниот третман, рехабилитацијата и системските решенија за иднината“, велат од владата. На настанот ќе присуствуваат 37 лекари и медицински експерти од странство, кои во првите денови по трагедијата директно учествувале во лекувањето на повредените пациенти. Конференцијата ќе започне со институционално отворање, по што ќе следува комеморативен момент во чест на жртвите од трагедијата. Во рамки на настанот ќе се одржат неколку тематски панели. На првиот панел ќе се дискутира за европскиот механизам за цивилна заштита и меѓународниот одговор, вклучително и координацијата меѓу институциите и трансферот на пациенти во странство. Вториот панел ќе биде посветен на националниот и меѓународниот здравствен одговор и акутниот третман на изгорениците, со фокус на итната медицинска интервенција, хируршките и пулмолошките аспекти на лекувањето и координацијата меѓу здравствените установи. Третиот панел ќе се фокусира на долгорочното закрепнување на пациентите, вклучувајќи рехабилитација, физикална медицина, психолошка и психијатриска поддршка, како и следење на квалитетот на живот на преживеаните. На завршната сесија ќе бидат презентирани идните решенија и системски чекори што институциите планираат да ги преземат за подобрување на подготвеноста на здравствениот систем за справување со кризни ситуации.