Нема напредок во разговорите за прекин на војната во Украина
2026-02-18 - 14:06
Разговорите меѓу Русија, Украина и САД, насочени кон ставање крај на војната завршија без пробив, објави Би-Би-Си. Иако американскиот претставник Стив Виткоф изрази оптимизам во врска со разговорите, и главниот руски преговарач и Володимир Зеленски посочија дека тие биле „тешки“. Според украински дипломатски извор, постигнат е одреден напредок во врска со „воените прашања“, вклучително и локацијата на фронтовската линија и мониторингот на прекинот на огнот. Но, договор за прашањето на територијата – без кој не може да се замисли прекин на огнот – останува неостварлив. Преговарачот на Кремљ, Владимир Медински, изјави дека разговорите биле „деловни“ и дека следен состанок ќе се одржи наскоро. Украинскиот преговарач Рустем Умеров оцени дека дискусиите биле „суштински и интензивни“, но дека детали засега не можат да се откријат. Последниот состанок меѓу Русија и Украина се одржа во јануари во Абу Даби, посредуван од САД, и доведе до првата размена на затвореници по неколку месеци. Меѓу клучните прашања останува статусот на нуклеарната електрана Запорожје која се наоѓа на фронтната линија и е под контрола на Русија од март 2022 година. Украина инсистира на враќање на контролата, а Зеленски предложи заедничко управување со САД, што Русија веројатно нема да го прифати. Британски, француски, германски и италијански официјални лица учествуваа на средбата и водеа преговори со украинската делегација. Зеленски нагласи дека учеството на Европа е „неопходно“ за постигнување конечен договор.