Премиерот на Кантонот Сараево поднесе оставка, а возачот на трамвајот е пуштен од притвор
2026-02-16 - 10:09
Премиерот на Кантонот Сараево Нихад Ук, поднесе оставка од функцијата по несреќата што ја потресе јавноста и предизвика бран незадоволство кај граѓаните, пренесува „Нова.рс“. Неговата одлука следуваше во екот на протестите на кои присутните бараат одговорност од надлежните институции и системски промени за да се спречат слични трагедии. Протестите во Сараево продолжија и денес поради трагичната трамвајска несреќа што се случи на 12 февруари, во која животот го загуби 23-годишниот Ердоан Моранкиќ, а четири лица беа повредени, меѓу нив и седумнаесетгодишната Ела Јовановиќ, која се здоби со потешки повреди. Граѓани се собрале пред Кантоналниот суд во Сараево за да го дочекаат излегувањето на возачот на трамвајот, кој со одлука на судот беше пуштен од притвор. Судот го одбил предлогот за одредување притвор, по што насобраните го пречекале возачот со извици „Не си сам, Аднан“, давајќи му поддршка. Меѓу оние што го дочекале беа и неговите бројни колеги од градскиот превоз. Ова е трет протест по ред на кој граѓаните изразуваат солидарност со семејството на загинатиот млад човек и со повредените, но и инсистираат на утврдување на целосната одговорност за несреќата. Едни сметаат дека оставката на премиерот е политички чекор, а според други тоа не е доволно и очекуваат конкретни потези од институциите. Трагедијата отвори пошироки прашања за безбедноста во јавниот сообраќај, работата на надлежните служби и политичката одговорност.