Колони на бензинските пумпи пред покачувањето на цените поради војната во Иран
2026-03-09 - 14:58
Поради најавеното поскапување на горивата од вечерва на полноќ и стравот од дополнителни ценовни шокови поврзани со војната во Иран, денеска на повеќе бензински пумпи во Скопје има долги колони од возила, кои чекаат ред да наточат гориво. Членовите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска соопштија дека донеле одлука за највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива, според која дизелот поскапува за дури 14,5 денари по литар, а бензинот ќе биде поскап за 5 денари. Метеж од возила на бензиската пумпа на Макпетрол во Козле, по најавите за поскапување на горивата. Фото: Meта.мк Од ноќеска, дизел горивото ќе се продава по цена од 85,5 денари за литар, а цената на најкористениот моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС-95 е утврдена на 79,5 денари за литар. ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе чини 81,5 денари за литар. Цената на екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) ќе изнесува 82,5 денари за литар, а мазутот М-1 НС ќе се продава по цена од 42,5 денари за килограм. Сите цени важат франко пумпна станица, со исклучок на мазутот, чија цена важи франко склад на трговецот на големо. Меѓутоа, неизвесноста на светските пазари поради воените случувања на Блискиот Исток веќе се чувствува и на домашниот пазар, што може да се види и по зголемениот број возила кои денеска чекаат ред за точење гориво на скопските бензински пумпи.