Петмина уапсени за лажните дојави за бомби во училишта во Тетово
2026-03-26 - 16:03
Уапсени се петмина, од кои четири се малолетници, за лажните дојави за бомби во тетовските училишта, соопшти денеска МВР. Деновиве, наставата во неколку тетовски основни и средни училишта беше прекинувана поради дојави дека во нивните простории се поставени бомби. Полицијата во сите случаи ги презеде потребните мерки, наставата беше прекината, а просториите детално прегледани при што во сите случаи беше констатирано дека се лажни дојави. „Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека по преземени оперативни мерки и активности полициски службеници од СВР Тетово денеска (26.03.2026) лишија од слобода тројца малолетници инволвирани во случаите со лажните дојави за поставени бомби во дел од основните и средните училишта во Тетово. Во претходниот период од слобода беа лишени уште две лица од кои едниот малолетник, исто така инволвирани во случаите со лажните дојави за поставени бомби. Против сите пет лица кои се инволвирани ќе бидат поднесени соодветни поднесоци до надлежното Обвинителство, согласно Кривичниот законик. МВР апелира до родителите итно да преземат соодветни мерки за контрола врз своите деца. Потребно е максимално внимание и превенција за да се спречи какво било понатамошно појавување на вакви појави кои ја вознемируваат јавноста и го нарушуваат безбедносниот систем. СВР Тетово нема да толерира никакви обиди за загрозување на безбедноста на учениците и граѓаните. Во случаи на идни вакви дејствија ќе се преземаат најстроги законски мерки против сторителите, но и против родителите за занемарување на должноста за надзор“, се вели во соопштението испратено од МВР.