TheNorthmacedoniaTime

Македонија и Албанија ќе организираат заеднички туристички тури во Охридско-преспанскиот Регион

2026-03-06 - 08:36

Развој на заеднички туристички производи во Охридско-преспанскиот Регион како и креирање заеднички туристички рути и културно-историски тури што ги поврзуваат манастирите, традицијата и гастрономијата во Македонија и во Албанија биле тема на разговорот што го имале министрите за култура и туризам на Македонија и на Албанија Зоран Љутков и Бленди Гонџја на маргините на светската туристичка берза „ИТБ Берлин”, соопшти Министерството за култура и туризам. Како што е соопштено, се разговарало и за можностите за развој на еколошки и авантуристички понуди, вклучувајќи планинарење, езерски тури и велосипедски патеки. Министрите ја потенцирале и важноста од координиран настап на трети пазари преку B2B-настани и презентации пред туроператори, со цел регионот да се промовира како единствена туристичка целина. Притоа била истакната и улогата на македонскиот Културно-информативен центар во Тирана како платформа за промоција на македонската култура и уметност. Во фокусот на разговорите било и продлабочувањето на соработката меѓу граничните региони, како и можностите за заеднички апликации за европски фондови ИПА и Интеррег (IPA и Interreg).

Share this post: