Озборн: Земјите што нема да ја прифатат вештачката интелигенција ќе заостанат економски
2026-02-19 - 09:36
Поранешниот британски министер за финансии Џорџ Озборн предупреди дека државите кои нема да ги прифатат напредните системи на вештачка интелигенција би можеле да заостанат економски и технолошки, соочувајќи се со послаба економија и одлив на таленти, објави Гардијан. Озборн, кој неодамна започна да работи во „OpenAI“ како раководител на програмата „за државите“, говореше на меѓународниот Самит за влијанието на вештачката интелигенција , каде им порача на владините лидери да не заостануваат. Според него, земјите што нема да воведат ВИ ризикуваат нивната работна сила да бара подобри можности во технолошки понапредни економии. Тој ја опиша глобалната трка за ВИ како избор меѓу усвојување на системи за вештачка интелигенција развиени или во САД или во Кина, двете сили кои моментално предничат во развојот на најмоќните модели. Сепак, нагласи дека многу држави истовремено сакаат да ја зачуваат својата дигитална сувереност, додека зависат од технологии развиени надвор од нивните граници. Самитот се фокусираше на користење на ВИ за поддршка на земјите низ светот, особено преку развој на алатки на локални јазици и примена во земјоделството и јавното здравје. Дел од дискусиите беа насочени и кон безбедносните стандарди и потенцијалните ризици од најнапредните ВИ системи. Од Белата куќа, советникот за ВИ Шрирам Кришнан ја истакна амбицијата на администрацијата на Доналд Трамп за технолошка доминација, велејќи дека САД сакаат „светот да ги користи нивните ВИ модели“, а повторно ја критикуваше европската регулатива за вештачка интелигенција. Сепак, некои технолошки лидери не се согласуваат дека светот мора да избира меѓу САД и Кина. Марк Сурман од „Mozilla“ изјави дека е „погрешна претпоставка“ оти другите држави не можат да развиваат сопствени напредни решенија. Претставници од Африка исто така нагласија дека работат на домашни ВИ технологии. Кевин Дегила од дигиталната агенција на Бенин рече дека неговата земја развива системи што комбинираат американски, кинески и локални податоци, додавајќи дека „големите компании не стигнуваат до земјоделците“.. На самитот говореше и поранешниот британски премиер Риши Сунак, кој сега соработува со „Anthropic“ и „Microsoft“. Тој ги повика лидерите да преземат поактивна улога во воведувањето на ВИ, нагласувајќи дека тоа е „прашање за денес, а не за утре“.