TheNorthmacedoniaTime

Повредените од пожарот во Кочани се соочуваат со анксиозност, депресија и посттрауматско нарушување

2026-03-30 - 12:35

Третина од повредените лица во пожарот во дискотеката Пулс во Кочани имаат анксиозност, 27,5 проценти имаат симптоми на посттрауматско стресно нарушување (ПТСР), а 21,6 проценти се соочуваат со депресија, покажале резултатите на стражувањето на Универзитетската клиника за психијатрија спроведено кај 50 повредени лица во трагичниот пожар во Кочани – испитаници кои биле лекувани во рамки на третманот на лузни со PDL (Pulsed Dye Laser) на Универзитетската клиника за дерматологија. Како што информираше директорката на Универзитетската клиника за психијатрија, проф. д-р Славица Арсова, преживеаните и повредени лица од пожари се соочуваат со сериозни психолошки последици. Истражувањето е спроведено во периодот од јануари до март 2026 година и ќе биде дополнително истражувано со цел да се добијат научно верификувани податоци за психолошките последици од една од најтешките трагедии во поновата македонска историја. Дури 72 проценти од испитаниците пријавиле загуба на блиска личност во трагичниот настан, што се покажува како значаен фактор за појава на ПТСР. Истовремено, 96 проценти го наведуваат семејството како главен извор на поддршка, што ја нагласува неговата клучна улога во процесот на опоравување. „Забележително е дека најголем дел од поддршката се бара кај семејството и од една страна е добро што кај нас опстојува оваа поврзаност со семејството. Сепак, од друга страна, сè уште егзистира стигмата кога станува збор за барање стручна помош“, истакна Арсова. Еден од најзначајните наоди од истражувањето е улогата на механизмите за справување со траумата. Избегнувачките стратегии, како повлекување, емоционално оттурнување и негирање се директно поврзани со повисоки нивоа на психолошки нарушувања и можат да доведат до продлабочување на симптомите. Истражувањето дополнително покажува дека жените се особено ранлива категорија, со повисоки нивоа на анксиозност, депресија и ПТСР. Избегнувањето на проблемот, емоционалното дистанцирање, самодистракцијата, негацијата, како и употребата на психоактивни супстанции и алкохол претставуваат ризични и неефикасни стратегии за справување со траумата. Во истражувањето биле вклучени 72 проценти мажи и 28 проценти жени, од кои најголем дел се на возраст од 18 до 29 години.

Share this post: