Дурмиши: Десет пати повисоки казни за трговците ако продолжат да не го почитуваат законот
2026-03-04 - 11:37
Вредноста на казните предвидени со Законот за забрана на нефер трговски практики ќе се зголеми десеткратно ако трговците продлжат да се однесуваат вака и не го почитуваат законот, врз основа на којшто Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) досега изрече 30 казни на четири компании за картелско здружување и се чекаат одлуки од судот за тие трговци, посочи денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, во одговор на прашање од пратеникот од СДСМ Димитар Ковачевски. Пратеникот Ковачевски праша кои конкретни мерки со утврден рок ќе ги преземе Владата за да обезбеди доследна примена на Законот за забрана на нефер трговски практики и да спречи неоправдани и драстични ценовни разлики на идентички производи на пазарот и зголемување на цените во малопродажбата и дали КЗК е екипирана со соодветни кадри за идентификување на трговските практики кои ги прават големите ланци супермаркети. Две години по стапувањето во сила на терен се забележуваат сериозни отстапувања, а според податоците на Државниот завод за статистика, цените на храната бележат двоцифрен пораст, при што индексот на трошоци на цените во делот на храна и безалкохолни пијалаци во одредени месеци надминуваше 10 проценти на годишно ниво. Ова се гледа и од зголемувањето на висината на потрошувачката кошничка која надмина 1000 евра месечно по семејство без разлика дали во неа се содржи кирија или согласно расправата која се води на Економско-социјалниот совет таа нема да се содржи. Истовремено, домашните производители укажуваат на притисоци врз откупните цени и дополнителни трошоци, рече Ковачевски. Министерот Дурмиши посочи дека Законот за нефер трговски практики е во сила од јануари 2025 година и оти веќе се гледа, но и во наредните месеци ќе се следи како се спроведува од страна на трговците. Со законот, потенцираше, опфатени се над 2000 производи, за кои трговците треба да ги почитуваат правилата. – Комисијата за заштита на конкуренцијата изрече 30 казни на четири компании за картелско здружување и зголемување на цени со што влијаеја и на другите трговци да ги зголемат цените заедно со една стопанска комора. Сега постапката е во суд и се очекува да се донесат одлуки за овие трговци. Јас истакнав и пред неколку дена, а и претходно, дека доколку трговците продолжат да делуваат на овој начин и нема да го почитуваат законот ќе има измени на Законот каде вредноста на казната ќе се зголеми десет пати – посочи Дурмиши. Тој истакна дека во јануари според податоците од Државнот завод за статистика има намалување на инфлацијата од 0,7 проценти и стабилизација на цените. – И во наредните месеци ќе следиме и доколку има потреба од интервенција и измени ќе ги предложиме во Собранието – најави Дурмиши и дополни дека бројот на членови на КЗК е зголемен од три на седум со цел Комисијата да биде функционална како во Европската Унија. Дурмиши оцени и дека „потрошувачката кошничка што секојдневно се промовира од синдикатите не е минимална, туку елитистичка кошничка бидејќи опфатени се многу производи кои ги користат семејствата“. – И тие коишто ја имаат изготвено Методологијата велат дека не е минимална кошничка, туку се прави за секојдневни политички разговори и јавноста да не биде правилно информирана колку трошоци има за еден месец, рече Дурмиши. По седницата на Економско-социјалниот совет што се одржа завчера Дурмиши соопшти дека просечната потрошувачка кошничка што ја изработи Владата е за 13 проценти поевтина од потрошувачката кошничка што ја изработува Сојузот на синдикатите на Македонија. Доколку биде прифатена се очекува да биде во примена од крајот на месецив. Со неа се опфатени 101 производ и според Дурмиши, таа е реална, односно ги отсликува минималните трошоци на едно семејство.