TheNorthmacedoniaTime

Почина сликарот Илија Пенушлиски

2026-03-20 - 18:54

На 79-годишна возраст почина еден од најистакнатите и најреномирани македонски сликари, Илија Пенушлиски, објави Националната галерија на Македонија. Роден во Скопје во 1947 година, своето ликовно образование го стекнал на Академијата за ликовни уметности во Белград, каде што дипломирал во 1971 година. Во периодот 1972/73 година ги продолжил своите постдипломски студии на Прат Институтот во Њујорк, како Фулбрајтов стипендист. Од 1971 година бил член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Во текот на својата плодна и значајна уметничка кариера, реализирал бројни самостојни и групни изложби во земјата и во странство, оставајќи длабок и траен белег на македонската ликовна сцена. Неговите дела биле претставени во повеќе градови, меѓу кои Скопје, Штип, Нирнберг, Белград и Њујорк. Пенушлиски ќе остане забележан во историјата на македонската ликовна уметност како реномиран уметник кој во своето творештво создава циклуси со силен личен печат. Неговите дела често се фокусирани на теми инспирирани од таинствените градски пејзажи, меморијата и урбаната егзистенција. Сликите, работени во манир на лирскиот експресионизам, раскажуваат приказни со урбан лик за душата на еден град претставен во специфична метафизичка атмосфера со мазни движења на четката. Суптилните лирски интимни пејзажи на непознати или замислени предели, односно градови, се одликуваат со широки потези на впечатливите форми со издвоени детали на зградите и крововите, поставени наспроти магличавото небо. Илија Пенушлиски е дел од постојаната поставка на Националната галерија со делото под наслов „Оној град“ од 1986 година. Последна почит на Илија Пенушлиски ќе му биде оддадена во сабота, 21 март 2026 година, во капелата на градските гробишта Бутел.

Share this post: