Отсега граѓаните ќе може да проверат кога им е редот за операција, министерот Алиу презентираше електорнска евиденција за елективни интервенции
2026-02-04 - 13:10
Министерот за здравство Азир Алиу денеска промовираше нов модул за електронска евиденција за елективни хируршки интервенции во јавните здравствени установи на кој граѓаните ќе може да проверат кога им е редот за операција, односно колкумина пред нив чекаат за истата интервенција. Секој пациент ќе биде третиран по принципот „прв дојден, прв услужен“. Ова нема да важи за итните, интервентни операции и тие ќе бидат веднаш извршени. Листата на чекање ќе се ажурира секои 24 часа. Оние пациенти кои ќе одлучат да се оперираат на приватно, во некоја друга клиника, автоматски ќе бидат отстранети од листата на чекање во јавните здравствени институции. На јавен портал ќе биде достапна листа на закажани елективни хируршки интервенции и ќе има стандардизирани правила за внесување и ажурирање на податоците во системот. Воспоставуваме јасен протокол на транспарентен начин да се води електронската евиденција за закажаните интервенции во здравствените институции. Целта е секој пациент да ја добие услугата по принципот „прв дојден прв услужен“ – рече министерот Алиу. Досега, евиденцијата на елективни хируршки интервенции се водеше во системот „Мој термин“ преку издавање упат за операција. Но, според министерот утврдени се брјни недостатоци во системот. Прво, упатите не се издаваат веднаш, при утврдување на потребата за операција, туку пред самата интервенција. Потоа, дел од установите и лекарите користат друг тип на упат за евиденција на пациентите на листата, а лекарите листите ги водат во хартиена форма. Листите на чекање не се прочистени и така се создава неточна перцепција за времето на чекање и реалните потреби на пациентите. Резултатот од анализата за 2025 година покажува значителна разлика меѓу реализираните упати кои биле 58.648, а реализирани операции имало 93.510. Тоа укажува дека не се почитувала законската обврска да се издава специфичен упат за операција – рече Алиу. Новиот модул за пациентите ќе овозможи пребарување и приказ преку повеќе комбинирани параметри. Корисниците на јавниот портал може да пребаруваат по следните клучни филтри: „специјалност на лекар“, „хируршка интервенција“, „јавна здравствена установа“, „лекар специјалист“, „број на пациенти кои чекаат“ итн. Во модулот, освен од јавното здравство ќе бидат вметнати и клиниките од приватното здравство со кои Фондот за здравствено осигурување има склучено договор за интервенции. Идејата е транспарентноста, да знаеме во одредена здравствена институција колкава е листата на чекање за одредена здравствена услуга или одреден доктор. Досега тоа не беше така, заради тоа што листата на чекање беше водена во хартиена форма. Што значи дека може да има злоупотреба. А со системот нема да има, и ќе знаеме автоматски кога сме ние на ред, рече министерот. На новинарско прашање дали ова ќе значи дека нема повеќе „фаќање врски“ за хируршки интервенции министерот одговори: Со овој редослед, ќе имаме увид во тоа што се случува со одредена институција каде што има потреба од здравствена заштита или здравствена услуга. Листата на чекање не е фиксна, туку се ажурира секој ден. Со тоа, секој ден ќе знаеме дали се зголемува или намалува. Но, од друга страна, што е многу важно, ќе знаеме кој е пред нас и кој е по нас. Значи, тука, она што го спомнавте индиректно може да се намали — не сум сигурен дали моментот на „познавам некого па ќе одам преку ред“ може целосно да се отстрани. Сепак, нашите колеги и ИТ секторот се многу креативни; работиме на понатамошни креативни решенија. Но, ова ни беше многу важно и моравме да почнаме од некаде. Бројките, како што видовте, покажуваат огромна разлика помеѓу упатите и здравствените услуги, и се надевам дека по ова таа ќе биде помала, изјави Алиу.