TheNorthmacedoniaTime

Користена облека и одржлива мода: Културата на втора употреба во подем

2026-01-29 - 10:24

Викендов во „Макка бар“ се одржа настан за пазарење користена облека, каде што можеа да се најдат одлично сочувани парчиња гардероба, книги, играчки и накит. Настанот го организираше скопската „Second Handaves“ платформа, која се грижи за еколошката свест, реупотреба на гардеробата, материјалите и нивната одржливост. Нашите баби и дедовци редовно купувале и користеле предмети од втора рака. Дел тоа го правеле поради финансиската состојба, дел како начин на живот кој ја вреднувал повторната употреба, продолжувањето на животот на предметите и избегнувањето на непотребна потрошувачка. Денес ваквиот тип на пазари не се само алтернатива за поевтино пазарење и се сè поприфатени и поорганизирани, посебно од младата публика. Но, Ина Михајлова, организаторката на базарот, не сака ова да биде само тренд, таа сака ова да прерасне во начин на живот, каде повторната употреба и одржливото купување стануваат дел од секојдневието. „Тука овозможуваме простор за две категории луѓе – оние кои сакат да продаваат и оние кои сакаат да купуваат. Разликата е тоа што кога посетителите тука доаѓаат имаат можност да комуницираат да се запознаваат, да остварат директен и поблизок контакт со продавачот. Можат да дознаат зошто тоа парче се повторно се продава и која е неговата историја“, вели Михајлова. На вакви настани можете да откриете сè: од уникатни јакни, фармерки и фустани, до рачно изработени додатоци, чанти, обувки, накит, па дури и домашни предмети и книги. Цените зависат од тоа дали парчињата се бренд или винтиџ и од нивната оригинална вредност. Предметите од втора рака обично се движат од 200 до 600 денари, а вистинските ретро парчиња можат да достигнат и до 1000 или 1.500 денари. Настанот не беше само место за купување, туку и простор полн со креативност и инспирација, каде што откривањето ретки и уникатни парчиња станува и социјално искуство. Дополнително, тоа е одлична прилика да запознаете нови пријатели, да размените идеи и да создадете нови контакти, правејќи го секое посета повеќе од обично купување вистинско доживување. „Во трговските центри сите продавниците се еднолични и многу често преку агресивен маркетинг сакаат да ни наметнат тренд преку кој не ставаат во калап. Овде секое едно парче е засебно и му дозволува на купувачот да го задржи својот карактер“, вели Михајлова. Следниот базар ќе се одржи на 21 февруари во „Макка бар“. Ќе има двајца диџеи, вкусна закуска и лотарија, а секој што сака може лично да се увери и да доживее ова уникатно искуство. Од локални иницијативи до интернет-простор За разлика од светските метрополи каде што купувањето од втора рака одамна е прифатена и нормализирана пракса, поддржана од големи дигитални платформи и силна култура на одржлива мода, кај нас оваа свест сè уште се гради постепено. Токму тука се вклучува Vinstreet.mk дигиталната платформа, која ги поврзува локалните продавници и продавачи на производи од втора рака со луѓе кои сакаат свесно и одржливо купување, функционирајќи како мост меѓу заедницата и second-hand културата и олеснувајќи го откривањето уникатни парчиња, како и поддршката на локалните бизниси. „Свеста кај луѓето веќе се менува, а бројот на купувачи кои ја прифаќаат оваа практика постојано расте“, вели Тијана Цресензи креаторка на македонска платформа за купување и продавање облека и предмети од втора рака. Сара Реџиќ е дел од растечкиот тренд на мода со пренаменети материјали, каде што старите материјали добиваат нов живот и се претвораат во уникатни, шарени и разиграни парчиња облека. Нејзините креации се изработени од природни материјали и се наменети за секоја девојка и жена што сака весели бои, детали кои го прават секое парче посебно и облека што се носи со радост и ќеиф. Со својата работа, Сара не само што промовира одржливост, туку и инспирира луѓето да ја ценат повторната употреба и креативноста во модата. „Има ли нешто поубаво од тоа, на еден предмет кој најверојатно би завршил во контејнер, иако во него сè уште има премногу убавина, да му дадеш шанса повторно да заживее во нешто убаво, во нешто што повторно може да светне со сиот сјај и убавина. Независно дали е тоа палто, чанта или било каков украсен предмет. Голем предизвик во ова време – невреме е да се помогне на нашата планета. Овој начин кој на многумина им се допаѓа“, вели Реџиќ. Што навистина значи облеката од втора рака? Купувањето облека од втора рака има значајни предности за одржливост, но исто така има и пропусти. Иако ја продолжува употребата на постоечките материјали и ја намалува побарувачката за нова облека, не ја елиминира целосно прекумерната потрошувачка, бидејќи некои луѓе истовремено купуваат и нови парчиња. Многу од овие предмети потекнуваат од брза мода и се со слаб квалитет, што ги намалува еколошките придобивки ако се носат краткорочно. Транспортот на облека на долги растојанија и увозот во земји приматели создаваат дополнителни емисии и отпад, а дел од облеката завршува на депонии, се наведува во истражување објавено од американскиот универзитет „Јеил“. Во некои општества купувањето втора рака сè уште е стигматизирано, а ако облеката не е правилно дезинфицирана, постојат и здравствени ризици. Сите овие фактори укажуваат дека, за да биде купувањето втора рака навистина одржливо, потребна е свесна и долгорочна употреба. Пишува: Деспина Ковачевска

Share this post: