TheNorthmacedoniaTime

Промоција на монографијата „Ехото на дамарите на пијанчани – Копачката“ и етно изложба во Скопје

2026-03-05 - 16:07

Во галеријата Метаноја на 6 март 2026 година, со почеток во 19 часот, ќе се одржи промоција на монографијата „Ехото на дамарите на пијанчани – Копачката / 10 години од впишувањето на орото Копачката во УНЕСКО“ од авторката Перса Стојановска. Настанот е организиран од Фолклорна група Копачка од селото Драмче, Делчево, во соработка со Балкански институт за вера и култура и галеријата Метаноја. Монографијата го документира процесот на впишување на орото Копачка во UNESCO – Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на човештвото, што се случи на 27 ноември 2014 година во Париз. Делото ги опфаќа и активностите во изминатата деценија, проектите за одржување на традицијата, постигнатите резултати, но и предизвиците со кои се соочува зачувувањето на ова значајно културно наследство. Промотор на монографијата ќе биде етномузикологот Велика Стојкова‐Серафимовска, а на настанот ќе се обратат и Мирјана Мирчевска, директорка на галеријата Метаноја, Нада Милкова и Коста Милков, претседател на Балканскиот институт за вера и култура. Во рамки на настанот, играорците од Драмче ќе ја изведат и женската и машката верзија на орото „Копачка“. Посетителите ќе можат да проследат и етно изложба со автентични предмети од Пијанец, меѓу кои черги, фути, рачници, пешкири, фурки, троножни столчиња, бакарни и глинени садови, како и традиционални музички инструменти како тапан, ќемане, тамбура и гајда. Изложбата ќе биде поставена во галеријата Метаноја и ќе може да се посети и во текот на следната седмица. Настанот е отворен за медиуми, културни работници и сите љубители на македонската фолклорна традиција.

Share this post: