TheNorthmacedoniaTime

Безидејната драматизација на Филипче

2026-03-02 - 15:36

Да се споредува Македонија со Иран значи да се повлече паралела со теократски систем во кој религиозната власт има клучна политичка улога, со сериозни ограничувања на човековите права и слободата на изразување. Да се споредува Македонија со Иран, исто така, значи да се стави знак на еднаквост со авторитарен режим кој со децении води политика спротивна на сето она кое што е дел од македонските и европските вредности. Да се споредува пак Македонија со Венецуела значи дека се споредува со држава која со години се соочува со економски колапс, хиперинфлација и институционална нестабилност. Филипче нѐ спореди токму со овие земји! Како дополнителен бонус, за ова треба да се запознаени нашите стратешки партнери, Соединетите Американски Држави, за да знаат со какви партнери си имаат работа во Македонија. Венко Филипче ексклузивно и од прва рака ги запозна САД со состојбата на теренот за да бидат подготвени и да сковаат план која држава после Иран треба да биде следна за оправање. Ова е крајно несериозно и инфантилно политичко однесување на еден лидер на до вчера респектабилната СДСМ. Зарем навистина мисли дека некој сериозно ќе ги сфати неговите паушални измислици спакувани во форма на сензационални откритија кои стратешкиот партнер одвај чекал некој да му ги соопшти? Тоа е Венко Филипче! Да се каже нешто колку да се каже! За него нема врска тоа што кога го гледаме како зборува делува како да соопштува туѓа мисла креирана заради постигнување внатрепартиски ефект. Мисла во која што ни самиот не верува и е свесен дека е надвор од реалноста. За него не е контрадикторно кога во две последователни реченици соопштува такви информации кои што во пакет произведуваат заклучок полош од најлошите сценарија. Од тие причини, зачудувачки и загрижувачки се негодувањата од СДСМ кога јавноста извлекува логични заклучоци од она што го слуша. Ако во првата реченица Филипче вели дека го подржува бомбардирањето и воениот удар на САД против Иран, затоа што тоа е добро за иранскиот народ, а во втората „информира“ дека во Македонија има ист таков режим како во Иран, тогаш зошто би бил спорен заклучокот дека Филипче всушност го повикува стратешкиот партнер да насочи неколку томахавки кон нас и да го ослободи македонскиот народ од режимот?! Ова е сосема логичен заклучок кој произлегува од реториката на СДСМ и тука нема простор за негодување. Ако продолжиме со вадење заклучоци, ќе дојдеме и до тоа дека Филипче во своите идеи за рушење на власта има шанса да го надмине и сопствениот ментор, Заев, кој се задоволи само со „бомбардирање“ со боја спакувана во „гумени балони“. Сметаме дека нема потреба да се кажува дека фактите зборуваат спротивно на она што го говори Филипче. Македонија е членка на НАТО, има плуралистички политички систем, редовни избори, активна опозиција, слободни медиуми со различни уредувачки политики и жив граѓански сектор. Од неодамна е укинат постмониторингот на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, кое што го потврдува постоењето на високиот степен на демократија и заштитата на човековите права. Сето ова е спротивно на она што во своите измислици го говорат Филипче и СДСМ. Политиките на владата можат да бидат предмет на критика и тоа е нормално во секоја демократија, но да се прават паралели со режими кои суштински ги ограничуваат основните права е деструктивна реторика. Конструкциите на СДСМ не придонесуваат за унапредување на демократијата, туку создаваат непотребна драматизација. Наместо аргументиран дијалог за конкретни закони, реформи или економски показатели, јавниот простор се загадува со тешки споредби кои повеќе служат за теснопартиски политички ефект отколку за суштинска дебата. Една од најважните димензии во оваа дебата е меѓународната позиција на државата. Факт е дека Македонија е стратешки определена кон интеграција во Европска Унија и кон блиска соработка со Соединети Американски Држави. Уште од почетокот овие процеси подразбираа и постојано подразбираат исполнување на строги демократски критериуми, владеење на правото, транспарентност и функционални институции. Но, од пресот на Филипче слушаме дека единствено тој може да замисли сценарио во кое држава со „карактеристики на Иран“ би била во активни односи со ЕУ, би добивала позитивни извештаи за напредок во одредени области и би била дел од безбедносниот систем на НАТО. Тоа е Венко Филипче! Дури слушнавме дека слободно и гласно говори за тоа како слободата на говорот и медиумската независност биле загрозени. Постоела мрежа на медиуми кои ширеле лажни вести и го оцрнувале СДСМ и Филипче. Ако зборуваме реално, со ваквата реторика и ставови со кои што излегуваат од СДСМ, не е потребна мрежа на медиуми, ниту пак објаснување на кажаното, а најмалку спинување и креирање на лажни вести. Доволно е изворно и во целост да биде пренесено сѐ што ќе каже Филипче. На таков начин наједноставно ќе се покаже како тој самиот себеси се оцрнува преку политичката контрадикторност која што ни ја сервира. Ширењето на нереални и нелогични тези е најголемото оцрнување и девалвација на кажаното кое што самиот си го прави. За потсетување, зарем има поголема лажна вест од онаа која што колективно ни ја соопштија како влада дека сме почнале преговори со ЕУ. Зарем има поголема лажна вест од тоа дека самите, прилично долг период веруваа во сопствената лага. Правеа концерти по македонските плоштади, плаќаа пејачи и го славеа почетокот на преговорите со ЕУ. Заев од собраниска говорница се подбиваше со тогашната опозиција велејќи дека им е криво што во неговиот мандат започнале преговорите со ЕУ. И сето тоа Филипче го заборави?! Сето тоа за него никогаш не се ни случило?! Неговите вести се вистински, а туѓите лажни?! Неговите постапки се демократски, а туѓите режимски?! Тој сега има образ да ја критикува и напаѓа власта дека била одговорна за нелегалниот шверц на марихуана во Србија, а воопшто не говори за тоа дека оваа власт, не неговата, направи таква акција во која беа запленети стотици тони марихуана подготвувана за криминални активности. Филипче заборава дека токму неговата влада носеше закони со злоупотреба на европското знаменце, од кои еден од тие закони беше и законот за извоз на марихуана. Да, СДСМ го донесе овој закон преку злоупотреба на европското знаменце, Европската унија и евроинтегративниот процес на државата. Потребна ли е дополнителна илустрација која што ќе покаже какви европејци се во СДСМ, какви борци против криминалот се и дали е потребна мрежа од медиуми за да ги оцрнува онакви црни какви што реално се?! Потребно ли е некој да го информира стратешкиот партнер за какви демократи и „поштењачини“ се работи?! И како најважно, потребно ли е некој да им каже на граѓаните дека ова што сега го зборуваат е веќе видено и поминато сценарио?! Безидејноста во СДСМ продолжува, но со продолжувањето на нивната безидејност продолжува и нивната деструктивност и играње на картата на кратко паметење. Годините пред нас бараат нови идеи, нови сили и нов пристап во водењето на политиките. Обидите за манипулација на јавноста со тези на кои никој не им верува нема да му помогнат на СДСМ во нивните грчевити обиди да го запрат надолниот тренд во кој континуирано се движат.

Share this post: