Од утре стартува „Безбеден град“, МВР апелира да се почитуваат сообраќајните правила
2026-01-31 - 09:28
Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека од утре (01.02.2026) започнува со функционирање системот „Безбеден град“. Системот ќе стартува на територија на градовите Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 8 и 10 со што ќе започне со санкционирање на граѓаните кои направиле прекршок детектиран од камерите. Во првата фаза системот ќе детектира четири типични сообраќајни прекршоци: • непрописно паркирање; • управување со брзина поголема од пропишаната; • минување на црвено светло; • управување на возило со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола. „Системот „Безбеден град“ е исклучително важна инвестиција во безбедноста на сите граѓани и целата држава, ќе спасува човечки животи, ќе го регулира сообраќајот, а ќе ги санкционира сите оние кои не сакаат да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи на сопствена штета и штета на другите учесници со сообраќајот. Камерите се поставени на критичните сообраќајни точки каде често се случуваат сообраќајни прекршоци,“ велат од МВР.