Граѓаните гледаат кој како работи и согласно тоа ја даваат подршката на избори, вели Мицкоски
2026-03-23 - 12:44
Опозициската СДСМ и лидерот Венко Филипче не може да ја споредува работата на Владата чиј дел беше тој, со работата и мерките што ги презема сегашната Влада, смета премиерот премиерот Христијан Мицкоски, затоа што, како што истакна, таа, меѓу другото, ќе биде запаметена како власт која тогаш најлошо се справила со ковид-пандемијата, по бруталниот поткуп и менување закони во пет до 12 пред избори, по горењето живи луѓе во модуларната болница, молењето за вакцини и провизии од тендери за нивна набавка. Ја гледав прес-конференцијата на претседателот на СДСМ вчера. Таму тој се повика на мерките кои што биле преземени за време на ковид-кризата и пандемијата и правеше разлика и споредба на оваа мерка со тие мерки и по што тие ќе останеле запаметени. Но, заборави да каже дека единственото нешто по што ќе бидат од тогаш запаметени е фактот што како држава најлошо се справивме со ковид пандемијата, односно имавме најголем број смртни случаи по глава на жител споредено со сите европски земји – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање за коментар на критиките од лидерот на опозицијата дека Владата не презема доволно мерки за заштита на стандардот на граѓаните. Мицкоски истакна дека Филипче заборавил да ја спомене мерката, од како што рече неколку десетици милиони евра уплатени на Стабри, компанијата од Хонг Конг, којашто наместо да биде специјализирана за набавка на вакцини, е специјализирана за трговија со јужно овошје. Заборави да каже за бруталниот поткуп на изборите во 2020 година, кога со уредби со сила на закон се менуваа закони во пет до дванаесет. Заборави да ја спомне и трагедијата во модуларната болница овде (Тетово) кога луѓе живи гореа, бидејќи тие модуларни болници се дел од мерките што Владата на СДСМ и ДУИ ги носеше во тој период. Заборави да каже за сите оние провизии од тендери, заборави да каже како коленичеа на граница да добијат пет илјади вакцини донација од соседна Србија, заборави да каже како македонските граѓани во отсуство на грижа од страна на Владата коленичеа во соседството да добијат и да аплицираат вакцина против Ковид и заборави три точки уште многу работи да каже. Тоа нема да го слушнете на лажните клеветнички прес-конференции на опозицијата, но затоа ќе слушнете како конструираат и измислуваат – рече Мицкоски пуштањето во употреба на реконструираниот регионален центар за средно стручно образование „Моша Пијаде“ во општина Тетово. Премиерот смета дека граѓаните гледаат кој што прави и како работи, и согласно тоа ја даваат поддршката на изборите. СДСМ повторно ги навредуваат граѓаните и мислат дека политиките на СДСМ и ДУИ од минатото може да ги споредуваат со политиките на оваа Влада. Граѓаните тоа го гледаат и впрочем тоа го кажаа и на претходните локални избори, а ќе го кажат и тоа на следните парламентарни избори – рече премиерот Мицкоски.