TheNorthmacedoniaTime

Итно е потребна политичка волја и од македонска и од бугарска страна за излез од ќор-сокакот во ЕУ интеграциите

2026-02-20 - 11:56

Северна Македонија останува во застој во пристапниот процес кон Европската унија (ЕУ) и покрај одредени позитивни чекори во реформите, се наведува во најновиот нацрт-извештај за напредокот на земјата кој го подготви специјалниот известувач на Европскиот парламент (ЕП) за Македонија, Томас Вајц. Тој официјално ќе го презентира извештајот на 26 февруари пред Комитетот за надворешни работи на парламентот, а клучните забелешки се однесуваат на недоволниот напредок во владеењето на правото, реформата на судството и борбата против корупцијата. „Судскиот систем, независноста на судовите и обвинителството, како и напорите за зајакнување на владеењето на правото и антикорупциските рамки не напредуваа доволно. Не е постигнат напредок во спречувањето и борбата против корупцијата и корупцијата останува широко распространета во многу области. Потребно е спроведување истраги и донесување конечни пресуди во случаи на корупција на високо ниво, кои би послужиле како пример дека корупцијата се адресира на сите нивоа и дека нема да има неказнивост“, наведено е во нацрт-документот. Во делот кој се однесува на медиумите и граѓанското општество, се вели дека за поздравување е фактот што Северна Македонија обезбедува соодветни законски гаранции за слободата на изразување, но сепак, се нагласува потребата од понатамошни подобрувања кон создавање вистински поволна средина за слободни и независни медиуми. „Со загриженост се забележува зголемената концентрација на сопственоста во медиумите. Потребни се посилни заштитни механизми за уредничката независност, транспарентни практики за државно рекламирање и заштита на новинарите. Изразуваме загриженост во врска со кампањите за дезинформации кои ги доведуваат во прашање демократските вредности и целта на земјата за членство во ЕУ. Го поздравуваме поволното опкружување за организациите на граѓанското општество, истовремено нагласувајќи ја потребата тие да бидат повеќе вклучени во приоритетните области и јавните консултации и повикуваме на транспарентно јавно финансирање на организациите на граѓанското општество“, пишува во документот. Во врска со основните права, во извештајот се забележува дека општата рамка за основните права е во голема мера задоволителна, но ја повикува Владата да ја подобри правната и институционалната рамка во однос на родовата еднаквост и борбата против родово засновано и семејно насилство. Исто така, ја нагласува потребата од продолжување на напорите за подобрување на состојбата на заедниците кои не се мнозински, вклучително и во однос на употребата на јазиците, како и за борба против дискриминацијата и промовирање на различностите. „Со загриженост се забележува дека речиси и да нема напредок во намалувањето на бариерите со кои се соочуваат лицата со попреченост во повеќето аспекти од животот. Потребно е да се унапреди правната заштита на правата на ЛГБТИК+ лицата и на справување со говорот на омраза насочен кон оваа заедница“, пишува во нацрт-извештајот. Во оценката на Вајц во извештајот, е наведено дека не е постигнат напредок во однос на уставните измени, поради загриженост од можни дополнителни билатерални блокади или барања од Бугарија. „Постои итна потреба од зголемена политичка волја од двете страни за надминување на овој ќор-сокак“, пишува Вајц. Во време на големи промени во меѓународниот поредок, посебно во контекст на руската агресија врз Украина, неизвесноста околу иднината на трансатлантскиот сојуз, од суштинско значење е Европа да стои обединета, се наведува во извештајот. „Во ваков геополитички контекст може да се појават можности за повторно оживување и забрзување на процесот на пристапување. Тој процес во секое сценарио, ќе остане заснован на заслуги и цврсто темелен врз напредокот во основните области, посебно владеењето на правото. Затоа е од клучно значење сите политички чинители во Северна Македонија, посебно Владата и пратениците од владејачкото мнозинство, да ја препознаат оваа обновена итност и без понатамошно одлагање да испорачаат конкретни, уверливи и суштински резултати во овие клучни области“, се препорачува во извешптајот. Во оценката Вајц наведува дека функционалното владеење на правото и доверлива инвестициска клима, се предуслови за одржлив економски развој. „Тоа ќе ѝ овозможи на земјата и на нејзините граѓани целосно да ги искористат придобивките од постепените интегративни шеми и проекти што ги нуди ЕУ. Во исто време, и ЕУ и нејзините земји членки мора да испорачаат резултати. Мора целосно да ја поддржиме земјата, вклучително и преку активен дипломатски ангажман за да ѝ помогнеме на Северна Македонија да напредува во исполнувањето на сопствените обврски и да ги надмине постојните пречки“, пишува во извештајот.

Share this post: