Контраспин: Владата пред УНЕСКО ветува спас за Охридскиот регион, а на терен не презела ништо
2026-02-12 - 08:48
Иако членовите на делегацијата која беше во посета на УНЕСКО се министри и потпретседател од актуелната Влада која е оперативна повеќе од година и пол, во соопштенијата на Владата се користат спинови дека „ќе бидат потенцирани цврстите заложби на Владата за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот регион“ и слично. Во соопштенијата доминира вокабуларот полн со идно време, па владините претставници и охридскиот градоначалник Пецаков, кој е втор мандат на чело на општината која е најмногу засегната, звучат како допрва да ќе го решаваат проблемот со статусот на Охридскиот регион како Светско културно наследство Пишува: Стојан Синадинов Делегација на Владата на С. Македонија на 9 и 10 февруари престојуваше во Париз, во посета на УНЕСКО, организацијата на Обединетите Нации која ја промовира соработката во образованието, науката и културата. Бројната владина делегација составена од заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски; министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски; министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, како и градоначалниците на Општина Охрид и Општина Струга, Кирил Пецаков и Менди Ќира, беше испратена со соопштение на Владата од 9 февруари, во кое може да се препознае спин: Спин: Во рамки на посетата, делегацијата ќе оствари средби со Калед Ел-Енани, генерален директор на УНЕСКО, како и со други високи претставници на УНЕСКО. На средбите ќе бидат потенцирани цврстите заложби на Владата за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Исто така, ќе биде истакнато дека државата воспоставува систем за заштита кој гарантира зачувување на интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион како исклучителна универзална вредност. [Извор: Владина делегација во работна посета на Париз на средби со високи претставници на УНЕСКО – соопштение на Влада на Република Северна Македонија; Датум – 09.02.2026] Како што се наведува во соопштението, владината делегација ќе оствари средби со Калед Ел-Енани, генерален директор на УНЕСКО, како и со други високи претставници на УНЕСКО: Ернесто Отоне, помошник генерален директор на УНЕСКО задолжен за култура, Конгкер Мохамад Талха, претседател на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, Насер бин Хамад Ал Хинзаб, претседател на Извршниот одбор на УНЕСКО. Следниот ден (10.02.2026) Владата соопшти дека министрите и градоначалниците разговарале со функционерите на УНЕСКО, а фокусот бил на состојбата на Охридскиот регион како природно и културно светско наследство, при што спинот е надополнет: ... беше нагласена важноста од континуирана и навремена имплементација на препораките за заштита, со цел зачувување на неговиот статус на Листата на светско наследство. За време на средбите беше потврдена определбата на државата за спроведување на преземените обврски за заштита на Охридскиот Регион, како и подготвеноста за продолжување на соработката со Република Албанија во рамки на постојните механизми, со цел обезбедување долгорочна и одржлива заштита на регионот. [Извор: Владина делегација на средби во УНЕСКО: Потврдена определбата на државата за спроведување на преземените обврски за заштита на Охридскиот Регион – соопштение на Влада на Република Северна Македонија; Датум – 10.02.2026] Контраспин: Иако членовите на делегацијата која беше во посета на УНЕСКО се министри и потпретседател од актуелната Влада која е оперативна повеќе од година и пол, во соопштенијата на Владата се користат спинови дека „ќе бидат потенцирани цврстите заложби на Владата за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот регион“, дека „ќе биде истакнато дека државата воспоставува систем за заштита кој гарантира зачувување на интегритетот и автентичноста на Охридскиот регион како исклучителна универзална вредност“, како и дека „беше потврдена определбата на државата за спроведување на преземените обврски“, а сè со цел Охридскиот регион да не го изгуби престижниот статус на Светско културно и природно наследство на УНЕСКО комплетиран во 1980 година. Тоа е најпрестижната титула што едно подрачје или локалитет може да ја добие, а веќе со години наназад Охридскиот регион е на ивицата да спадне во категоријата Светско наследство во опасност. Следната сесија на УНЕСКО кога ќе биде дефинитивно одлучено за судбината на статусот на Охридскиот регион ќе се одржи во јуни во Јужна Кореја. Во соопштенијата доминира вокабуларот полн со идно време, па владините претставници и охридскиот градоначалник Пецаков, кој е втор мандат на чело на општината која е најмногу засегната, звучат дека допрва ќе го решаваат проблемот со статусот на Охридскиот регион како Светско културно наследство. Усти полни со ветувања Медиумите веќе нотираа дека бројната владина делегација отпатувала во Париз со уверувања дека ќе преземе мерки за спасување на статусот на Охридскиот регион, а во пракса на терен не презела ништо за да ја поправи сликата од третиот извештај на УНЕСКО, со кој на Владата ѝ беше дадена шанса да ја поправи состојбата на терен до овој февруари. Напротив. Иако барањата на УНЕСКО се однесуваа на зајакната заштита на Студенчишко Блато и стопирање на сите тековни и планирани градежни активности во неговата околина, вклучително и кај хотелскиот комплекс „Горица“, како и претераната урбанизација и бројните дивоградби, централната и општинските власти буквално не презеле конкретни чекори. За бесправните објекти кои не ги исполнуваат условите за издавање на урбанистичка согласност донесени се 4.847 решенија за одбивање, но не се преземени мерки истите да бидат отстранети, иако овластените градежни инспектори за период од 2019-2024 година издале 456 правосилни управни акти за нелегални градби. Со ова, не е испочитувана обврската предвидена со ‘Планот за заштита на културно наследство’ за детален инвентар на сите бесправно изградени објекти, проценка на нивното влијание врз исклучителната универзална вредност на општината и отстранување на сите бесправни изградени објекти, особено во Националниот парк ‘Галичица’, за кои, врз основа на претходно спроведените оценки ќе се утврди дека претставуваат закана за доброто, вклучително и за интегритетот и автентичноста на градот“, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија, цитиран од Независен. Реагираше и Обвинителството, кое на 28 јануари годинава оформи предмет и врши предистрага во Општина Охрид. Извештајот од Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил дека меѓу охридските дивоградби има и цели згради и хотели, како и сомнително финансиско работење, јавни набавки без тендери, чудни трампи на плацови и низа други девијации од „фолклорните игри“ на урбаната мафија. Декларативноста на владините и локалните политики за Охридскиот регион Кога станува збор за изготвување на планови и програми за заштита на Охридскиот регион како светско културно наследство, не недостасуваат стратегии на хартија. Собранието на Република Северна Македонија, по предлог на Управата за заштита на културното наследство, а по претходно мислење на Националниот совет за културно наследство, донесе национална стратегија за заштита и користење на културното наследство за периодот 2024-2028, во која е нотирано дека „долгогодишната негрижа за културното и природното наследство на Охридскиот регион резултираше со повеќе ризици и закани врз неговата исклучителна универзална вредност, автентичност и интегритет“. Со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион со Акциски план (2020-2029), кој Владата на РСМ го донесе во јануари 2020 год., се предвидени мерки и активности за зачувување на природното и културното наследство на Охридскиот регион како единствено наследство во државата впишано на Листата на светско наследство на УНЕСКО, но оваа мерка иако значајна, не е доволна за справување со сите ризици на кои е изложено ова природно и културно наследство. Во 2023 година, постапувајќи по посочените препораки од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Владата на РСМ го донесе и Стратегискиот план за рехабилитација на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, се вели во оваа стратегија (Национална стратегија за заштита и користење на културното наследство за период од 2024 до 2028). Заштитата на Охридскиот регион е нотирана и преку донесување владина одлука за формирање централизиран кризен координативен штаб за имплементација на “стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион (2023-2030). Кризниот штаб се формира со цел за обезбедување навремена, координирана и мерлива имплементација на “Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион (20232030)” (во натамошниот текст: Стратегискиот план) и на препораките содржани во релевантните извештаи на реактивните мониторинг мисии и одлуки на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, се вели во оваа одлука на Владата. И Општина Охрид има изготвено „План за управување 2019-2028“, во која, меѓу другото, се вели: Мерките за заштита на културното наследство подразбираат обезбедување непосредна заштита на начин кој ќе ги зачува изворните, историски, урбанистичко-архитектонски, уметнички и естетски вредности, односно зачувување на исклучителната универзална вредност на регионот. Во поширока смисла, мерките за заштита ќе овозможат и внесување нови содржини во рамките на регионот во согласност со современите потреби на стопанските, туристичките, културните и други дејности, но со максимално почитување на исклучителната универзална вредност. Но, за да се постигнат придобивки и да се осигура дека Охридскиот регион ја зачувува својата исклучителна универзална вредност, потребно е новите развојни процеси во границите на доброто да бидат добро управувани и контролирани (стр. 92 од Планот) Или, повторно убави зборови на хартија, а слаба реализација на терен. На тоа укажуваат и невладините организации, како Граѓанската иницијатива Охрид СОС, која во 2022 укажуваше дека Нацрт – законот за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категорија Парк на природата – нотирано во извештаите на УНЕСКО – „е неприфатлив во неговата нацрт-верзија бидејќи не ги задоволува критериумите на интегрална заштита на Студенчишко Блато како еколошки исклучително подрачје“. Сепак, Собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на седницата одржана на 05.09.2024 одлучи да се повлечат Предлог-законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата и Предлог-законот за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата. Досега е многу кажано и напишано за Охридскиот регион како Светско наследство на УНЕСКО. Многу ветувања беа дадени, како овие од страна на владината делегација изминативе два дена во седиштето на УНЕСКО во Париз, но останува да се направи потешкиот дел – да се покренат конкретни чекори. Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар