Кина не се брза да помогне додека САД се соочуваат со последиците од војната со Иран
2026-03-18 - 10:13
Кина нема да им помогне на САД во обидите за повторно отворање на Ормутскиот теснец, како што побара американскиот претседател Доналд Трамп, но аналитичарите оценуваат дека Пекинг веројатно ја поздравува одлуката за одложување на долгоочекуваната посета на Трамп во Кина. Ова се случува во третата недела од воениот конфликт на САД со Иран кога испораките на нафта низ теснецот се запрени, а американските сојузници не покажуваат желба да помогнат во негово отварање, објави Асошиејтед Прес. Ова отвори прашања дали Кина, како најголем геополитички ривал на САД, може да извлече корист од ситуацијата. Според Али Вајн од Меѓународната кризна група, одложувањето на самитот меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг покажува дека Вашингтон го потценил влијанието на воената операција. „Наместо да ја демонстрира својата моќ, САД се соочуваат со криза во која им е потребна помош од својот главен стратешки конкурент“, вели тој. Кинеското Министерство за надворешни работи не даде директен одговор дали ќе помогне во отворањето на теснецот, но повика на итен прекин на воените операции и избегнување понатамошна ескалација. Од Пекинг соопштија дека двете земји остануваат во контакт околу можноста за нов термин за посетата. Во меѓувреме, кинеските дипломати интензивираат активности на Блискиот Исток и нудат посредничка улога за намалување на тензиите. Кина веќе испрати хуманитарна помош за Иран преку Црвениот крст и Црвената полумесечина, наменета за семејства погодени од неодамнешните напади. Аналитичарите сметаат дека одложувањето на средбата им одговара и на двете страни. За САД, политички е тешко претседателот да патува додека траат воени операции, додека Кина добива време подобро да ја процени американската позиција. Дополнително, неодамнешните трговски разговори во Париз не донесоа значителен напредок, што укажува на длабоки разлики меѓу двете земји во однос на економијата, технологијата и безбедноста. Пренасочувањето на американски воени ресурси од Индо-Пацификот кон Блискиот Исток предизвикува загриженост кај азиските сојузници, кои стравуваат од намалено внимание на САД кон регионот. Аналитичарите предупредуваат дека продолжувањето на конфликтот може дополнително да ја ослаби американската позиција во Азија. Во тој контекст, одложувањето на посетата може да значи и пролонгирање на потенцијални договори, вклучително и испораки на оружје за Тајван, прашање што останува едно од најчувствителните во односите меѓу Вашингтон и Пекинг. Според експертите, Кина засега нема потреба од активна вмешаност. „Во Пекинг сметаат дека САД самите си се поткопуваат, па доволно е само да не се мешаат“, оценуваат тие.