TheNorthmacedoniaTime

Сијарто: Попрво Киев ќе остане без пари отколку Унгарија без нафта, нема напредок за Дружба

2026-03-04 - 10:37

Унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто, денеска изјави дека не се очекува напредок во врска со блокадата на нафтоводот Дружба пред априлските избори во Унгарија. Тој оцени дека доколку актуелната власт во Будимпешта остане на функција и по изборите, Украина ќе мора да постигне договор бидејќи, како што нагласи, „попрво Киев ќе остане без пари отколку Унгарија без нафта“. Во исто време, украинскиот министер за енергетика Денис Шмихал соопшти дека сè уште не е донесена одлука за продолжување на работата на тој нафтовод кон Унгарија и Словачка. Сијарто, како што пренесува МТИ, изјави дека не очекува поместувања по прашањето за прекинот на испораките на руска нафта преку нафтоводот Дружба до одржувањето на парламентарните избори, бидејќи, според него, Украина се обидува да влијае на нивниот исход со запирање на транспортот. Според него, украинската компанија која управува со нафтоводот во повеќе наврати ја известила унгарската државна нафтена компанија МОЛ дека нафтоводот е во исправна состојба и дека се чека само политичка одлука. Ситуацијата е јасна. Ако победиме на изборите, што е многу веројатно, и продолжиме да ја водиме земјата, Украинците ќе мора да соработуваат со нас. Нивните пари ќе исчезнат пред нашата нафта – истакна Сијарто. Тој оцени дека војната денес е „бизнис модел“ во Украина, тврдејќи дека земјата во последните четири години од ЕУ добила 193 милијарди евра, што е повеќе отколку што нејзината економија би произвела во мирнодопски услови. Од друга страна, украинскиот министер Денис Шмихал изјави дека „Нафтогас“ ја приведува кон крај анализата на хаваријата на постројката, по што ќе се утврдат трошоците и роковите за санација. Според него, инцидент на еден од резервоарите предизвикала значителни внатрешни оштетувања кои не се видливи од површината. Руската нафта не тече низ Дружба кон Унгарија и Словачка од 27 јануари. Словачката влада на 18 февруари прогласи вонредна состојба поради недостиг на нафта, а Роберт Фицо изјави дека побарал прекин на вонредните испораки на електрична енергија за Украина како одговор на оваа ситуација.

Share this post: