Скопското Кале ќе биде жива културна сцена на градот, порача Ѓорѓиевски
2026-01-27 - 13:35
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски сподели дека денеска заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков, проф. д-р Драги Митревски и претставник од Управата за заштита на културното наследство, извршиле обиколка и детален увид на локалитетот Скопско Кале, со цел јасно да ја согледаме актуелната состојба и реалните можности за негово понатамошно активирање во рамки на визијата Скопје – Европска престолнина на културата. Во објавата на Фејсбук, Ѓорѓиевски посочи дека како градоначалник на Град Скопје, имал јасна и недвосмислена цел која подразбира целосно отворање на просторот на Скопското Кале, негово внимателно, стручно и одговорно приспособување, и ставање во активна функција за културни и уметнички содржини, со апсолутно почитување на историските слоеви и автентичното културно наследство. Низ светот постојат бројни позитивни примери каде објекти со силна историска и симболична вредност се целосно интегрирани во современиот културен живот како сцени за театар, музика, изложби и современи уметнички перформанси. Тие се живи простори во кои се води постојан дијалог меѓу античкото наследство, османлискиот период и современите уметнички изрази. Токму ваквиот пристап овозможува не само заштита, туку и активна, смислена интерпретација на културното наследство“, објаснува тој. Исто така, додаде дека просторот ќе добие нова, современа културна улога во служба на граѓаните, уметниците и посетителите на Скопје. Скопското Кале е еден од најзначајните културно-историски симболи на Скопје. Тоа е сведок на нашата цивилизациска историја и нашата колективна меморија. Неговата реафирмација е јавен интерес и обврска кон идните генерации, да им оставиме град кој го почитува минатото, а храбро ја гради својата културна иднина“, порача градоначалникот.