Мицкоски: Ако го оставате срцето на терен, народот ќе ви прости сè
2026-03-25 - 10:33
Премиерот Христијан Мицкоски најави можни смени во Владата и институциите доколку одредени функционери не го зголемат својот ангажман, истакнувајќи дека дел од нив веќе се опоменати. Во интервју за емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа, Мицкоски нагласи дека Владата работи во тешки услови и дека граѓаните не треба да очекуваат „чуда“. „Ние не сме чудотворци да ветуваме чуда. Тоа јавно на митинзи сум го зборувал. Тој што ви ветува чуда не ја говори вистината, но дека ќе дадеме се од себе, тоа да бидете сигурни. Јас се будам и заспивам со таа една мисла, дали даваме се од себе, дали сите даваат се од себе. Кај поединци имам дилема, имам задршка. И кај тие што имам дилема и задршка ги опоменувам дека имам чувство дека можат повеќе да дадат “, изјави премиерот. Тој вели дека оваа генерација нема повеќе простор за реприза и за да се дојде до состојбата на консолидирање мора да се работи прекувремено. „Ако е природно да се работи 5 дена во неделата по 8 часа, сега ќе се работи 7 дена во неделата по 12, 13, 14 часа. Тоа е начинот на којшто мора да функционира оваа влада. И тогаш кога народот ќе види дека вие го оставате срцето на терен, тогаш ќе ви прости се, ќе рече се трудат, секоја чест. Ако видат дека вие се однесувате надмено, не одговарате на пораки кога ќе ви пратат, колку и тие пораки да ве отпретуваат, колку и тие пораки за вас се бесмислени, ако вие не им вратите, не посветите внимание, не се поздравите, не стегнете рака на улица, тоа нема да ви го простат никогаш“, нагласи Мицкоски.