Уште една девојка тврди дека била испратена од Епстин на средба со принцот Ендру
2026-02-01 - 12:09
Ова е втора жена како тврди дека била испратена во Обединетото Кралство од Џефри Епстин за сексуална средба со поранешниот принц Ендру Маунтбатен-Виндзор, изјави нејзиниот адвокат за Би-Би-Си. Според наводите, средбата се случила во 2010 година во резиденцијата на поранешниот принц. Девојката, чие потекло е надвор од Обединетото Кралство, тогаш била во своите дваесетти години. Нејзиниот адвокат Бред Едвардс, изјави дека по ноќта помината со Ендру таа добила и разгледување на Бакингемската палата, како и чај. „Зборуваме за најмалку една девојка која Џефри Епстин ја испратил кај принцот Ендру. И по една ноќ со него, таа дури добила и обиколка на Бакингемската палата“, изјави адвокатот. Би-Би-Си побара коментар од Ендру Маунтбатен-Виндзор, но до моментот на објавување нема одговор на овие обвинувања. Бакингемската палата вообичаено води евиденција за имињата на гостите кои ја посетуваат, но Би-Би-Си не можеше да ја потврди посетата на жената без да го открие нејзиниот идентитет. Ова е првпат преживеана жртва на Епстин јавно да тврди дека сексуална средба се случила во кралска резиденција. Адвокатот Едвардс застапува повеќе од 200 жртви на Епстин низ светот, меѓу кои и Вирџинија Џуфре, која тврдеше дека во 2001 година, кога имала 17 години, била донесена во Лондон за сексуална средба со поранешниот принц. Џуфре изјави дека била присилена да има сексуални односи со Ендру уште двапати помеѓу 2001 и 2002 година, еднаш во Њујорк и еднаш на приватниот карипски остров на Епстин. Епстин во 2008 година беше осуден за сексуален однос со 14-годишно девојче во Флорида и ја заврши затворската казна во јули 2010 година. Тој наведе дека бил во контакт со „одредени правни застапници“ на поранешниот принц во САД, но дека Ендру „очигледно се дистанцирал од своите адвокати“. Комуникацијата престанала откако кралот Чарлс формално му ги одзел титулите, стилот и почестите на Ендру, изјави адвокатот. Принцот беше лишен од кралските титули во октомври минатата година, по објавувањето на постхумните мемоари на Џуфре. Воедно беше соопштено дека ќе мора да ја напушти резиденцијата Ројал Лоџ во Виндзор, каде што живееше од 2004 година. Во соопштението за одземањето на титулите, Палатата наведе дека „овие мерки се сметаат за неопходни, и покрај фактот што тој и понатаму ги негира обвинувањата против него“. Едвардс изјави дека одземањето на титулите му овозможило на поранешниот принц да тврди дека нема средства и дека не може да обезбеди финансиска отштета, оставајќи ги „овие жени да страдаат“. „Тврдењето дека Кралското семејство се грижи за жртвите и сака да ја исправи неправдата, со тоа што само му ги одзеде титулите на принцот Ендру и ништо повеќе, има токму спротивен ефект од оној што го тврдат“, рече адвокатот. Истрага на Би-Би-Си во 2025 година утврди дека Епстин пренесувал повеќе жени во Обединетото Кралство со комерцијални летови и со своите приватни авиони. Бакингемската палата во октомври соопшти дека „нивните величества сакаат да појаснат дека нивните мисли и најдлабоки сочувства биле и ќе останат со жртвите и преживеаните од сите форми на злоупотреба“. Адвокатот изјави дека размислува за поднесување граѓанска тужба против поранешниот принц во име на жената. Вирџинија Џуфре поднесе граѓанска тужба против Ендру во САД во 2021 година, а случајот беше спогодбено затворен во февруари 2022 година за сума која се проценува на околу 12 милиони фунти. Таа минатата година си го одзеде животот. Ендру постојано ги негираше обвинувањата на Џуфре.