Избрани најдобрите работници на Универзитетската клиника за пулмологија
2026-02-04 - 07:08
Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија и оваа година, по шести пат по ред, традиционално го организираше изборот на најдобри работници, за да се оддаде признание на посветеноста, професионализмот и човечноста на вработените во установата. Изборот за најдобри работници за 2025 година се реализираше во вкупно седум категории – најдобар доктор, најдобра медицинска сестра/техничар, најдобар болничар, најдобар хигиеничар, најдобар административен работник, најдобар радиолошки технолог/лабораториски техничар/физиотерапевт, како и најдобра организациска единица. За најдобар работник со посебен придонес за клиниката е прогласена Елизабета Сајкова Ангеловска, најдобар доктор – асс. д-р Анѓела Дебрешлиоска, најдобар медицински техничар е Бојан Миов, најдобар болничар е Елхам Бајрами, најдобра хигиеничарка е Даниела Велковска, за најдобар административен работник е избран Рилинд Садику, најдобар радиолошки технолог е Игор Ристески, а најдобра организациска единица е одделот за специјалистичко-консултативна дејност – амбуланта. „Гласањето беше анонимно, а гласаа сите вработени од прва, втора и трета смена. Процесот беше организиран по оддели, со официјални гласачки ливчиња заверени со печат од клиниката, при што беше обезбедена целосна транспарентност. Добитниците во првите шест категории добија официјално признание од клиниката, уникатно брендирано пенкало и парична награда во износ од 200 евра по категорија“, вели Сабри Азири, вработен на Клиниката и познат во јавноста по својата улога како координатор на ковид центрите за време на пандемијата. Генерален спонзор на настанот е компанијата Ari-MED, а наградата за најдобра организациска единица е обезбедена од Premium Safety Solution.