Кинески компании обвинети за копирање на американски модели за вештачка интелигенција
2026-02-24 - 11:17
Американската компанија за вештачка интелигенција „Anthropic“ соопшти дека открила координирани напади од три кинески компании, „DeepSeek“, „Moonshot AI“ и „MiniMax“ за нелегално извлекување на способности од нејзиниот четбот „Claude“, што велат дека претставува кражба на интелектуална сопственост. Според „Anthropic“, компаниите користеле техника позната како дестилација, при што помоќните модели се користат за подобрување на перформансите на послаб модел. Иако дестилацијата е вообичаена практика во развојот на вештачка интелигенција, компанијата тврди дека во овој случај станува збор за злоупотреба преку масовни и координирани активности, објави Гардијан. Од „Anthropic“ наведуваат дека биле реализирани околу 16 милиони интеракции со моделот „Claude“ преку 24.000 лажни кориснички сметки. Најголемата операција, според компанијата, ја спровел „MiniMax“ со повеќе од 13 милиони разменети пораки. Нападите биле насочени кон области како програмирање, агентско резонирање и користење алатки и сегменти во кои „Claude“ се смета за најнапреден. Компанијата предупреди дека ваквите практики можат да ги заобиколат американските извозни контроли за напредна технологија и да создадат безбедносни ризици, бидејќи моделите добиени преку недозволена дестилација можеби нема да ги задржат безбедносните механизми за спречување злоупотреба, како што се ограничувања поврзани со развој на биолошко оружје или сајбер-напади. Слични обвинувања минатиот месец изнесе и „OpenAI“ која пред американските законодавци тврдеше дека кинески компании се обидуваат да „паразитираат“ на капацитетите развиени од водечките американски лаборатории за вештачка интелигенција. Од „Anthropic“ порачаа дека „прозорецот за дејствување е тесен“, оценувајќи дека нападите стануваат се поинтензивни и пософистицирани.