Обилни снежни врнежи предизвикаа поплави и дефекти во електро-мрежата во БиХ
2026-03-29 - 17:44
Обилните снежни врнежи кои во изминатите два дена го зафатија Тузланскиот кантон предизвикаа нагло покачување на водостојот на реките, поплави, прекини во снабдувањето со електрична енергија и сериозни проблеми во сообраќајот, соопшти локалната Цивилна заштита, пренесува Аваз. Состојбата на акумулацијата Модрац е критична, каде водостојот утринава изнесуваше 199,73 метри надморска височина, што е веднаш под нивото на прелевање. Истовремено, реката Спреча кај Карановац го надмина подготвителното ниво за одбрана од поплави, достигнувајќи 362 сантиметри, што доведе до излевање и поплавување на околу 80 хектари земјоделско земјиште меѓу Миричина и Стјепан Поље. Најтешка е ситуацијата во Сребреник, каде се поплавени станбени објекти во Орманица и Тутњевац, а околу 350 домаќинства останаа без струја поради дефекти на мрежата. Екипите на противпожарната единица и Цивилната заштита се на терен и вршат испумпување на водата од дворовите и подрумите. Проблеми се пријавени и во Живинице и Тузла, каде тешкиот снег предизвика паѓање на дрвја врз објекти. Надлежните апелираат на претпазливост бидејќи се најавува продолжување на нестабилното време.