Филипче и Шилегов со меѓусебни обвинувања дека работат во интерес на ВМРО ДПМНЕ
2026-03-17 - 13:43
„Се бориме за опстанокот и за европската иднина на државата и нема да дозволам ВМРО-ДПМНЕ преку поединци да ја ситни и да ја дели оваа партија“, изјави денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче, откако вчера партијата соопшти дека покренува постапка за исклучување на поранешниот пратеник и градоначалник на Скопје, Петре Шилегов. Филипче на прес-конференција коментираше дека целта на владеачката партија е да ги скрие своите слабости и падот на рејтингот, нотиран во анкетите. „Имаме работа со криминална и корумпирана власт која ништо не може да направи да го спречи падот на анкетите што е евидентен. Единствено нешто што може да прават е да ја делат партијата и така да владеат. Ние тоа нема да го дозволиме“, рече Филипче. Тој додаде дека слични обиди за слабеење на партијата се забележани и порано, во 2021 година, потоа во 2024 година се случи силна националистичка и лажна кампања, а во 2025 година посочи дека самиот Шилегов и други сопартијци кои изјавиле дека за изборите не работеле за СДСМ. И Шилегов, од своја страна, денеска го обвини раководството на СДСМ дека одработува во договор со ВМРО–ДПМНЕ за интересите на владејачката партија, а не за СДСМ и за нејзиното членство. „Во интерес на ВМРО ДПМНЕ е СДСМ да биде во ваква состојба во каква што е, за да можат да добијат два мандати, а за сметка на тоа да не бидат предмет на можни кривични истраги. Се докажува и дека партијата е целосно кадровски исцрпена и дека луѓето на кои им значи СДСМ, а се сериозен фактор во нашата држава, веќе не се таму, рече Шилегов. Тој го повика лидерот Филипче на средба во општинската организација на СДСМ во Карпош, за да разговараат заедно со членството за иницијативата за негово исклучување, но и за иницијативата за смена на Филипче. Шилегов посочи дека, според Статутот на партијата, општинската организација е таа која треба да одлучи дали тој ќе биде исклучен од партијата.